05.10.2011, 12:49 Батон го продолжи договорот со Мекларен
Тимот не објави детали, освен дека станува збор за долгорочна соработка.
Светскиот шампион во Формула 1 од 2009 година, Британецот Џенсон Батон потпиша нов повеќегодишен договор со Мекларен. Објавата доаѓа во пресрет на трката за Голамата награда на Јапонија во Сузука в недела, а Батон е единствениот возач што стои меѓу Себастијан Фетел од Ред бул и неговата втора титула едноподруго. На Фетел му е потребен само уште еден поен за да ја обезбеди титулата, а Батон мора да победи за да има макар и ронка надеж дека ќе остане во игра во четирите трки што преостануваат сезонава по Јапонија.
Во соопштението за јавноста Мекларен тврди дека задржувањето на Батон во следните неколку години ќе ја зацврсти долгорочната стабилност на тимот од Вокинг. Луис Хамилтон, светски првак од 2008, веќе има договор со екипата до крајот на следната сезона.
„Никогаш не сум се чувствувал како дома во некоја екипа повеќе отколку во Мекларен“, изјави Батон, кој ја освои својата титула со Браун ГП, поранешен тим на Хонда, а сега се трка како Мерцедес. „Четири од најголемите трки во мојот живот добив како возач на Мекларен, моментно сум втор на возачката табела и чувствувам дека возам подобро од кога и да е“, додава 31-годишниот Англичанец. „Тоа можете да го постигнете само со вистинска поддршка и навистина верувам дека пасијата и решеноста да се победи се посилни тука отколку каде и да е на друго место“, вели Батон, кој својата Ф1-кариера ја почна во Вилијамс во 2000 година.
Мекларен не соопшти други детали од договорот освен тоа дека тој е повеќегодишен, но должината на времето ќе им стави крај на шпекулациите околу можната преселба на Британецот во гламурозниот Ферари од 2013 година.
„Не ја кријам мојата амбиција да продолжам да победувам во трките и да освојувам титули и целосно сум уверен дека ова е местото каде што можам да ги остварам тие нешта“, вели Батон. „Ние знаеме како се победува и работиме на подобрувањето на организацијата што ќе ни овозможи да продолжиме да го правиме тоа во годините што доаѓаат“.
Хамилтон, кој ризикува прв пат да заврши зад тимскиот колега на крајот од шампионатот, ја поздрави „големата вест“.
„Џенсон е извонредна личност и соработник, како и одличен тимски играч од моментот кога го примивме во нашите редови во 2010“, изјави тој. „Јас и тој сме погладни и поамбициозни од кога и да е во однос на освојувањето на гран-пријата и на шампионатите во иднина“.
Тимскиот шеф на Мекларен, Мартин Витмарш, го пофали Батон како „еден од најспособните и најценети возачи што сме ги имале некогаш“.
„Горд сум што сум негов тимски шеф“, додава тој. „Сигурен сум дека тој ќе ги надогради успесите што веќе ги постигна со нас и оти ќе биде уште поуспешен со нас во претстојните години“.
Фетел води во првенството со 309 бода, а Батон е далеку зад него на второто место со 185. Хамилтон е петти со 168.
|