03.10.2011, 11:11 Нема Евролига за Самарџиски и Литвос
Во финалето на квалификацискиот турнир во Вилнус, литванскиот тим загуби од турската екипа Галатасарај, чиј тренер е нашинецот Октај Махмути, со 63-71.
Македонскиот кошаркарски интернационалец Предраг Самарџиски не успеа со својата екипа Литвос Ритас да се пласира во Евролигата. Во финалето на квалификацискиот турнир во Вилнус, Литванија, загубија од турската екипа Галатасарај, чиј тренер е нашинецот Октај Махмути, со 63-71. Литвос Ритас ќе настапува во Еврокупот, а Турците ќе играат во групата Д од најквалитетната по ранг Евролига, заедно со Барселона, Монтепаски Сиена на Бо Мекејлеб, Уникс Казан, Унион Олимпија и Проком.
Победник на вториот квалификациски турнир што се одржа во Белгија е домаќинот Шарлероа, кој во финалето беше подобар од Нимбурк со 79-53. Белгијците ќе настапуваат во Ц-групата, заедно со Партизан, Реал, Ефес Анадолу на Владо Илиевски и Армани.
Во групата А, Перо Антиќ со Олимпијакос ќе игра против Каха Лаборал, Фенербахче, Канту, Нанси и Бискаја Билбао, а во групата Б е европскиот првак Панатинаикос, потоа ЦСКА Москва, Уникаха, Жалгирис, Бросе баскет и Загреб.
|