03.10.2011, 13:38 Мареј го освои Бангкок, прв АТП-трофеј за Типсаревиќ
Британецот без никакви проблеми го доби финалето на АТП турнирот во Бангкок против Американецот Доналд Јанг со 6-2, 6-0.
Британскиот тенисер Енди Мареј викендот ја освои својата 19 титула во кариерата. Без никакви проблеми тој го доби финалето на АТП турнирот во Бангкок против Американецот Доналд Јанг со 6-2, 6-0. За четвртиот светски рекет ова е трет трофеј во оваа сезона. Претходно беше најдобар во Квинс и Синсинати. Мареј и Јанг го одиграа третиот меѓусебен дуел во 2011 година. Првиот, во Индијан Велс, му припадна на американскиот тенисер, Британецот возврати на Ју-Ес опен и сега во Бангкок.
Мечот за титулата не донесе неизвесност за што доволно говори резултатот. Мареј имаше пет брејк прилики и ги искористи сите. Неговиот противник, пак, не се избори за таква ситуација ниту еднаш, а неверојатно звучи што во вториот сет освои само три поени. Финалето во Бангкок траеше само 46 минути.
Српскиот тенисер Јанко Типсаревиќ (27) конечно го проби мразот и дочека да се радува на премиерната АТП титула во кариерата. Тоа му појде од рака на турнирот во Куала Лумпур по победата во финалето против Маркос Багдатис од Кипар со 6-4, 7-5. Типсаревиќ досега настапи во четири финални средби и во сите беше поразен. Во Куала Лумпур остана мирен до крајот што не беше случај во Истбурн и Делреј Бич претходно.
Финалето траеше два часа и шест минути. Во трите меча одиграни во Куала Лумпур, Типсаревиќ не загуби сет. Давиденко, пак, без борба му го предаде натпреварот на стартот на турнирот.
|