Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Политика
26.09.2012, 17:45

Секоја пренамена e ребаланс на буџет. Долгот не смее да надмине 40 отсто

Раздолжувањето на државата кон компаниите, но и новото задолжување од 200 до 250 милиони евра што го најави Владата кај странски банки е тема на полемиката меѓу академик Абдулменаф Беџети и професор Трајко Славески

Прашања

1. Дали очекувате дека Владата целосно ќе се раздолжи кон бизнис-секторот, како што вети премиерот Никола Груевски?

2. Дали оваа мерка ќе биде доволна за навистина да се надмине големиот проблем со неликвидноста во која тонат компаниите?

3. Владата најави дека за да се раздолжи кон реалниот сектор, ќе се задолжи кај странски банки до 250 милиони евра, кои ќе бидат користени и за други потреби. Со оглед што во овој момент јавниот долг е на ниво од 30 отсто од БДП, колку овој нов кредит ќе ја зголеми задолженоста и дали тоа не е опасно за Македонија?

4. Владата тврди дека не е потребен ребаланс на буџетот, но одделни експерти сметаат дека кога буџетскиот дефицит се зголемува од 2,5 отсто до 3,5 отсто од БДП, тој мора да се направи. Што мислите Вие?

5. Дали мораше да се оди на ново задолжување, од една страна, а од друга страна не се кратат непродуктивните трошоци?

 

Абдулменаф Беџети

Секоја пренамена e ребаланс на буџет

Нина Нинеска-Фиданоска



1. Јас лично не очекувам, се' додека немам информација колкав е тој износ и каде ќе се најде изворот за тоа финансирање. Значи, ако нема точна квантификација, не можам да ценам дали ќе се исполни ветувањето. Уште повеќе ако се кажува дека нема да се прави ребаланс на буџетот, а при тоа да не се наведе изворот на финансирање од внатрешни или од надворешни задолжувања. Трета опција нема.



2. Како почетна мерка тоа би му помогнало многу на стопанството, особено ако се успее да се најде реален извор за финансирање од странско задолжување.

Ако, пак, се земе заем од внатрешните извори, тоа би значело дека пак би се создал ефектот на истиснување на инвестициите или потрошувачката, што, пак, би имало помал мултиплицирачки ефект врз економијата како целина.



3. Воопшто не е опасно за Македонија дополнителното задолжување во ситуација на сегашното ниво на задолжување, под услов тие средства да се инвестираат исклучиво за исплата на продуктивните проекти на стопанството, а не и за рекламирање на Владата, или за увоз на некоја скулптура или некое уметничко дело (слика) или пак за увоз на некој „италијански“ мебел!

Значи, доколку со овие средства се исплатат продуктивните капитални инвестиции, или, пак, се направи повратот на ДДВ на вакви инвестиции, тоа треба да се направи колку што е можно побрзо.



4. Не само заради промената на буџетскиот дефицит (што во случајов е финансиска разлика од над 70 милиони евра), туку и поради промената на проекцијата на приходите врз основа на економскиот раст, кој ниту оддалеку не може да се оствари (освен ако не се направи преку статистичка гимнастика), а следствено на приходите, да се усогласат и буџетските расходи.

Секоја пренамена без буџетски ребаланс е кршење на законот за буџет, особено кога такво нешто е надвор од буџетската резерва (која исто така мора да биде предвидена). Малку е парадоксално да тврдите дека ќе ги промените најсинтетичките фискални индикатори (буџетскиот дефицит и стапката на раст), а да не го промените (т.е. ребалансирате) буџетот!



5. Не мораше, но кога тоа не се прави (а изборот е легално, а не знам и колку е легитимно право на Владата) тогаш помало зло е задолжувањето заради исплата на долгот кон стопанството, покрај даденото образложение погоре, и поради една практична и основна економска логика - „утре“ тој долг би ја чинел многу повеќе државата, т.е. даночните обврзници.

Блазе си им на тие кои „побаруваат“ од државата, а имаат алтернативни поевтини извори за тековно финансирање, бидејќи во идно време ќе наплатат многу повеќе од државата! Зар малку имаме вакви примери.

Трајко Славески

Долгот не смее да надмине 40 отсто

Соња МаЏовска



1. Според информациите од медиумите, Владата го почна процесот на раздолжување уште во првиот работен ден по обраќањето на премиерот пред претставниците на бизнисот и даденото ветување. Очекувам процесот да тече и да заврши според најавената динамика. Ова е ветување кое Владата не смее да не го реализира. Ќе биде значајно обврските да се намируваат во рамките на предвидените законски рокови и по март 2013 година.



2. Раздолжувањето на Владата кон домашниот приватен сектор ќе помогне за зголемување на ликвидноста во онаа мера во која овој тип на заостанати обврски се дел од проблемот.

Не треба да се очекува постигнување на оптимално ниво на ликвидност во бизнис-секторот затоа што причините за хроничната неликвидност се од долгорочен и структурен карактер. Тие засегаат и во самата суштина на формирање и инвестирање во компаниите, односите меѓу акционерите, корпоративното управување, длабочината, односно развиеноста на домашните финансиски пазари, меѓународната конкурентност на нашите компании и други фактори, за кои не постои краткорочно решение. За разлика од нашите компании, голем број компании во развиените земји во периодот на глобална криза, воздржувајќи се од инвестиции, буквално „седат“ врз готовина.



3. Јавниот долг на Македонија ќе продолжи да се зголемува, надминувајќи 30 отсто од бруто-домашниот производ. Нивото е се' уште ниско во споредба со повеќето европски економии, но треба да се биде крајно внимателен во иднина, растот на долгот да се забави и да не се доближува до нивото од 40 отсто од БДП. Иако за развиените земји нивото на јавен долг до 60 отсто од БДП се смета за безбедно, препораките на експертите и на меѓународните финансиски институции се дека, со оглед на структурните проблеми и ранливоста на поголеми ризици кои доаѓаат од надвор, преминувањето на границата од 40 отсто не е препорачливо. Меѓу другото, ова е неопходно за да се остави доволен простор за евентуална интервенција во економијата во иднина како резултат на некој посериозен шок. Зашто и покрај тоа што сме во голема мера интегрирани во европската економија, од аспект на обврските сме препуштени самите на себе. Обврските за обезбедување економска и социјална сигурност на граѓаните, сега и во иднина.



4. Една од причините зошто се прибегнува кон зголемување на буџетскиот дефицит за 2012 година за еден процентен поен е и потфрлањето на буџетските приходи во однос на проекциите од ребалансираниот буџет. Без најавеното проширување на буџетскиот дефицит, со гаранцијата за обезбедени средства за финансирање, за да се остане во предвидената рамка на дефицит од 2,5 отсто, соодветно ќе се намалеше и реализацијата на расходите. Во одделни случаи, ова уште повеќе ќе придонесеше за зголемување на долгот на државата кон приватниот сектор. Ваквиот развој на настаните сега е спречен. Владата е во состојба да го реализира буџетот и без ребаланс, во рамките на постојните проекции за приходите и расходите. Од сметководствен аспект, единствено ќе дојде до зголемување на сумата на расходите над онаа која би се остварила доколку не се обезбедеа - алоцираа дополнителни средства за плаќање на обврските.

Во идеални услови, ребаланс на буџетот во оваа фаза би помогнал за попрецизна дистрибуција на расходите преку реалокации меѓу буџетските корисници, но се чини дека за ова е веќе доцна, со оглед на календарскиот период од годината. Владата цени дека дебатата која би се отворила во Собранието по евентуалниот предлог за ребаланс ќе одземе доволно енергија во период кога треба да се реализира почнатата операција на раздолжување и кога сме веќе во завршната фаза на подготовка на буџетот за наредната година.



5. Прашањето е надвор од доменот на економската наука и е работа на политичка процена на Владата. Останува препораката дека јавните инвестиции е подобро да се насочат кон подигнување на потенцијалот на економијата за долгорочен економски раст. Но, сосема е легитимно, во услови на криза и намалени приходи, доколку цената не е превисока и има од каде, негативните шокови за кои се цени дека се од привремен карактер, да се амортизираат и со задолжување, како што тоа би го направиле и домаќинствата, со цел да се избегнат посериозни последици врз стандардот на граѓаните. Долгот треба да се врати, преку намалување или целосно елиминирање на дефицитите, кога ќе се надминат негативните ефекти од шокот.

 


Статијата е прочитана 1166 пати.

Испрати коментар



По Белата книга, кавги во одбраната
Казните ќе ги попарат новинарите
Бучковски не одговара на телефонски повици
Халкидики оаза за македонските политичари
Иванов на разговори со Бан Ки-мун
Кој да го замени Ѕинго?

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

 
Што прават
 


Site Meter


Време
Скопје, 14°C

Делумно облачно

Понеделник
Делумно облачно
Макс: 32°C, Мин: 13°C

Вторник
Делумно облачно
Макс: 33°C, Мин: 13°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Соопштение за читателите
Поради инфраструктурни зафати на веб-страницата на „Утрински весник“, дел од содржините на сајтот не се обновени или се обновуваат со задоцнување
Фељтон
Јованка Броз - Титова Совладетелка (14)
Африканската турнеја - Конфликтот помеѓу Тито и Миќуновиќ. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“
Интервју - Современиот танц широко ги отвора портите
„Желбата да студирам современ танц отсекогаш потсвесно тлееше во мене“, вели балерината Матеја Киселичка...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |