05.10.2012, 18:17 Ахмети: Ставовите на СДСМ се застрашувачки
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека целата иницијатива на СДСМ е изнуден чекор на збунета партија, која сака да се заштити од предвремен избори
"За жал денеска од СДСМ слушнав изјави кои се заплашувачки и кои не апелираат за мир и хармонија меѓу заедниците, туку повикуваат на полиција. Ова е страшно и не враќа во деведесетите години кога Албанците во Македонија бараа училишта, симболи, а беа затворани со полициски сили", ова е репликата на лидерот на ДУИ Али Ахмети на пратеникот Андреј Петров на денешната седница за доверба на Владата.
"Македонија е на сите нас. Бидете внимателни со меѓуетничките односи. Имаме одговорност пред граѓаните", порача Ахмети, кој ги изненади пратениците бидејќи од 2002 година откако е пратеник се обратил само неколку пати.
Петров одовори дека Ахмети ја згрешил адресата на која ја искажал оваа реплика.
- Таа реплика треба да ја упатите на Груевски. Она што го зборувате за СДСМ треба да го зборувате за ВМРО-ДПМНЕ", рече Петров.
Во попладневниот дел од парламентарната раправа за недоверба на Владата на иницијатива на СДСМ, на која владејачкото мнозинство и опозицијата се обвинуваа за тоа кој ги подгрева меѓуетничките тензии и чија коалиција со ДУИ е тендерска.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека целата иницијатива на СДСМ е изнуден чекор на збунета партија, која сака да се заштити од предвремен избори.
Пратеникот Илија Димовски оцени дека прашањето за доверба на Владата се случува во услови кога Владата е во економска офанзива,кога се зголемуваат пензиите, кога се враќа ДДВ на компаниите, кога се набавува медицинска опрема, кога очекуваме позитивен извештај, десетина инвестиции.
"На монтипајтонски начин сакате да издејствувате дестабилизација на државата. Водите дебата со со манипулации, навреди, омаловажувања. Тврдите дека на власт е тендерска коалиција. Ако беше таква немаше да има проблеми во коалицијата. Ќе си ќутевме, ќе ги стававме работите под маса. Но, сето ова покажува дека ние не сакаме власт по секоја цена", порача Димовски.
Социјалдемократите во неколку наврати порачаа дека немаат илузија дека Владата ќе падне,, но сметаат дека со овој потег го разобличиле договорот меѓу партиите на Груевски и Ахмети.
Седницата ќе трае до полноќ, а се очекува 40 минути претходно, да се обрати премиерот Груевски и да даде контрааргументи на напафите на опозицијата.
За да биде изгласана недовреба на Владата СДСМ треба да обезбеди најмалку 62 пратенички гласови, што според расположението во Парламентот е невозможно.
|