03.11.2009, 16:23 Седумгодишно дете претепано до смрт
Трагедија во скопско Драчево. Приведена мајката на детето, сe истражува кој го усмртил
Горан Адамовски
Трагедија во скопската населба Драчево. Седумгодишно дете било претепано до смрт со тврд предмет. Полицијата ја приведе 29-годишната самохрана мајка, државјанка на БиХ, поради сомневање дека учествувала во кобното претепување на нејзиниот син. Допрва ќе се истражува дали и некој друг удирал по седумгодишното дете. Трите други деца на сараевчанката, на возраст од две, пет и десет години се згрижени од страна на Центарот за социјални работи во Скопје. Мајката досега била пријавувана за запуштање и малтретирање на малолетно лице, како и за кражби.
Бруталното претепување на детето се случило во понеделникот, околу 23 часот, во куќата во населба Драчево, каде што 29-годишната С.Џ. со своите четири деца живеела под кирија. На детето му биле нанесени смртоносни повреди по главата и по телото, по што сопственикот на куќата со автомобил го однел во поликлиниката во Драчево. Но, спас за седумгодишникот немало. Набргу била алармирана и полицијата. По извршениот увид припадниците на МВР ја привеле мајката, поради сомневање дека е вмешана во претепувањето на синот.
„Истражуваме кој му ги нанел смртоносните повреди на детето. Мајката е приведена“, велат од МВР.
Шок и згрозеност владееше вчера во улицата каде што се случило насилството. Соседите не можеа да поверуваат во страшната вест. Тврдат дека никој од нив не слушнал, ниту видел нешто во куќата каде што живеела сараевчанката. Не забележала ниту полицијата.
„Слабо ги познававме. Се вселија пред пет-шест месеци. Мајка и четири деца. Немавме никаков контакт со нив, дури не се ни поздравувавме“, раскажуваат соседите.
Куќата вчера беше празна. Спуштени ролетни и затворена капија. Сараевчанката одамна живеела во Македонија. Постојано ги менувала адресите на живеење. Нејзините четири деца биле родени во земјава. Мајката повторно е бремена, со петто дете. Другите деца се згрижени во Центарот за социјални работи.
„Шокирани сме од случајот. Не можеме да дадеме многу детали, бидејќи истрагата е во тек. Другите деца се згрижени од страна на социјалните работници и ќе бидат преземени сите потребни мерки“, вели Жаклина Величковска, портпарол на Министерството за труд и социјална политика.
Вознемиреност и револт од последниот грозоморен настан и кај вработените во Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. „И овој случај ја потврдува нашата загриженост и бројните реакции за поефикасна акција од страна на центрите за социјална работа, да имаат увид во дисфункционалните семејства и во семејствата во ризик, да вршат надзор на вршењето на родителското право, да преземаат мерка привремено одземање на родителското право додека односите во семејството не се доведат во релации, кои на децата ќе им гарантираат сигурност и заштита“, реагираа вчера од „Меѓаши“. Според нив, „центрите за социјална работа го одземаат родителското право дури кога ќе настанат тешки повреди и последици по децата“.
Податоците на СОС-телефонот за деца и млади 0800 12222 на „Меѓаши“ покажуваат дека насилството врз децата е во пораст. Изминатата година секое трето јавување на децата што собрале храброст да побараат помош на бесплатниот телефон било поради телесно казнување и насилство.
„Меѓаши“ годинава спроведоа истражување на тема „Перцепцијата на граѓаните за телесното казнување на децата“, при што две третини од испитаниците одговориле дека никогаш не треба да се практикува телесно казнување на децата. Само еден процент од родителите одговориле дека „телесното казнување би можело да се практикува ��околку самите родители тоа го сметаат за ефективно“.
„Овие резултати укажуваат на зголемување на свесноста кај граѓаните дека телесното казнување кај децата не претставува позитивна родителска мерка“, сметаат во „Меѓаши“. |