03.07.2012, 17:50 ВМРО-НП: Додовски ги однесе списоците во А1
Поранешните сопартијци го обвинија довчерашниот лидер дека тој ги однел во А1 листите со административците кои дале гаранција дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ
Наум Котевски
Во вжештената политичка атмосфера, полека откажуваат сите сопирачки кај некогашната икона на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, но и кај неговите некогаш блиски соработници, а сега политички противници. Се напаѓа без пардон од сите страни, а јавноста може само да претпоставува кому таа „бестежинска состојба“ ќе му се удри од глава.
ВМРО-НП извади вчера уште неколку пикантерии од „шишето на вистината“, како одговор на нападите од трибината на институтот „Димитрие Чуповски“, каде што Марјан Додовски, довчерашниот „истомисленик“ на Георгиевски, кажа дека бившиот премиер уште во 2004 година најавил можна коалиција со СДСМ.
„Македонската јавност треба да знае дека токму Додовски е најзаслужен за обелоденувањето на аферата со списоците на гласачи од државната администрација. Тој лично ги однесе информациите во веќе згаснатата А1 телевизија. Со тој подвиг се обелодени една тешка афера на сегашните негови сопартијци“, тврди Слободан Близнаковски од раководството на ВМРО-НП.
Аферата со гласачките списоци во државната администрација, пред парламентарните избори минатата година, ја обелоденија новинари на А1, кои со лажно претставување на телефон се обидоа да докажат дека владејачката партија бара од вработените во државните институции да достават список со по 15 лица кои со сигурност ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Истражувачката сторија ја реализираа новинарките Наташа Стојановска и Сашка Цветковска, кои ни потврдија вчера дека првин добиле список со имиња, по што контактирале со некои од лицата на списоците, претставувајќи се како претставници на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Низ тие телефонски разговори се покажа дека сите контактирани се согласиле да ги дадат своите лични податоци како гаранција дека ќе го задржат работното место и дека за таа цел ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
„Точно е дека едно лице ни го даде списокот. Ниту јас, ниту колешката Сашка, ниту, пак, некој друг новинар од тогашната А1 што знае повеќе за случајот нема да го открие неговиот идентитет. Можам само да ви кажам дека кога тајно се сретнавме, кај лицето лесно се забележуваше страв“, вели Стојановска, која смета дека целиот случај е позитивен општествен момент, иако Јавното обвинителство се изјасни дека нема доволно елементи за поведување истрага.
Според Стојановска, доставувачот на списокот немал сигурно лоша намера, туку сакал да се открие вистината за притисоците во администрацијата. И таа и Цветковска за професионално изработената задача почувствуваа лична сатисфакција - ја добија наградата за Најдобра истражувачка сторија за 2011 година од Македонскиот институт за медиуми.
Очекувано двете новинарки не сакаа да го откријат изворот, па сега му останува на Георгиевски тоа да го докаже. Неговата партија вчера не застана само на аферата со списоците. Според ВМРО-НП, Додовски уште во 2007 година бил главен преговарач со СДСМ и иницијатор за рушење на владата на Груевски.
„Во текот на 2009 година на иницијатива на Додовски, во ресторанот ’Окарина’, имавме серија средби со Игор Ивановски од СДСМ и со други високи функционери од таа партија. Од 2009 година до 2012, повторно на иницијатива на Додовски, ја спроведувавме агендата окрупнување на опозицијата и имавме преку пет средби со градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, во скопскиот ресторан ’14 -ка’“. „Индивидуалните месечни посети на Додовски во кабинетот на градоначалникот Стевче Јакимовски продолжија“, велат од ВМРО-НП, потсетувајќи го Додовски дека лично тој од говорница среде кампањата за предвремените парламентарни избори 2011 истакнал дека ќе се прави коалиција со СДСМ. Додовски: бараа да извршам предавство
Марјан Додовски вчера преку писмо ги предупреди Љупчо Георгиевски и, како што ги нарече, ситните политиканти околу него дека ќе почне процес на кривично гонење по неколку основи.
„За сите лаги и бескрупулозни невистини сведочат моите политички размислувања изнесени во медиумите и сите посочени фактори кои можат во секој миг да бидат соочени и да посведочат за мизерните дејности што ми ги препишуваат т.н. љупчовистички сателити“, вели Додовски, кој со цел да стави крај на неморалниот обид да му се припишат работи и дела кои, како што додава, ниту се својствени на неговата личност, а ниту, пак, некогаш ги направил, преминал во ВМРО-ДПМНЕ.
„Токму поради обидот на Георгиевски и на неговата мала и интересна група на приврзаници да ми биде понудено пеколното мастило со кое требаше да го извршам предавството на македонската вмровска кауза и да бидам машата која ќе му го постели патот на Георгиевски и на неговиот бизнис-круг кон коалицијата со Бранко Црвенковски, ја изгаснав ВМРО-Народна партија и се вратив во ВМРО-ДПМНЕ“, потенцира Додовски кој обвинува дека му се заканувале со физичка ликвидација.
|
|
Статијата е прочитана 3489 пати.
|
Испрати коментар
|
|
Petre, 04.07.2012 07:16:01 | До редакцијата: не знам зошто сеушта не’ занимавате со овие излитени личности и со нивните „рекла-казала“. Тоа е одлика на жолтата штампа а не на сериозен весник како вашиот. |
| Читател, 04.07.2012 07:18:26 | Spored mene izgleda ke ima uste nekoj kandidat za vo Sutka. |
| ФЕЛИКС, 04.07.2012 08:06:27 | Воопшто не пречи кога се обелоденуваат вакви како г-дин Додовски да бил ваков или онаков, дури и добро е кога поради сончогледовиот манир на поединци вакви работи излегуваат на виделина.Но ептен пречи кога некогашните камаради на дотичниот тоа го прикажуваат а се далеку понапредни во гревовите од дотичниот експартиски камарад.Па така затрчаниот од пресот заборави да не просветли како неговиот благонадежен лидер подмитувал свои пратеници да ја задржи власта.Да не пишувам за авантурата Пустец и др.просветленија на благонадежникот.Дури и она со пратеничката корупција ја опишува во својата биографија,а се во стилот на својот илузионистички коалициски партнер,,ич око не ми трепнува,,. |
| Иво, 04.07.2012 09:50:38 | „...ја изгаснав ВМРО-Народна партија и се вратив во ВМРО-ДПМНЕ“, потенцира Додовски. Хаха вакви чуда има само во Македонија. Додовски на секој чекор кажува дека ја „изгаснал“ (веројатно со даљинско хаха) ВМРО-НП и преминал во ВМРО-ДПМНЕ, ама за судот тој повторно е претседател на ВМРО-НП и не е член на ДПМНЕ. Нека го каже тоа Додовски на суд дека не е повеќе член на НП, а со тоа и нејзин претседател. Значи, каква су��ска власт имаме ехех |
| pile, 04.07.2012 11:16:23 | Politickiot dil na ovaa vladeacko mnozinstvo vo izminatite 4 godini na vladeenje e poveke od prepoznatlivo,a modalitetite na realizacija se realiziraat na tri nacina,i toa..Prviot nacin e po tipot na Avtenticnoto tolkuvanje na Zakonot za Amnestija zaradi opstojuvanje na Vladata.Vtoriot e kako vo slucajot so aferata so glasackite spisoci vo administracijata koj se sveduva ,,ponuda zaradi molcenje i tretiot e veke viden vo poveke navrati,ako Vlasta se plasi deka mnogu znaes za zloupotrebi i organiziran kriminal ti ponuduva, ako odbivas a stravot ne im go namaluvas ke ti sledi transparentno apsenje, kako slucajot na G-din Ljube Boskovski i toa ni 12 casa po zavrsuvanje na izborite.Za glasackiot spisok za administracijata dali treba Obvinitelstvoto da bide nezainteresirano ili treba da prevzeme dejstvija.Kako megjufaza za site gorenavedeni prerodbenicki principi za prakticiranje na demokratijata i realizacija na evropskite vrednosti vo ramkite na prerodbata e ,,diktiran |
| Ајван Доктор®, 04.07.2012 16:17:14 | Многу интересно ќе биде кога сегашниве владетели наскоро ќе почнат да си го откриваат валканиот веш!На ред се приказните за фирмите во Чешка,становите на мама,баба и дедо (од сиромашно земјоделско семејство),за бизнисите околу агенциите „за обезбедување“,коцкарниците,покер-апаратите,продажбите на државно земјиште за 1 евренце,легализациите на нелегалните палати…но најголема од сите ќе биде бизнисот на перење парички со милионските плаќања на безвредниот налудничав кичерај од „2014 п.н.е.“!Знам многумина што шверцуваа нафта во време на ембаргото кон Србија,но ниту еден од нив не се викаше Бранко!Голем дел од нив сега членуваат во владеачката партија…исто како што и тогаш членуваа во друга (исто на власт)!Доволно е да се промени власта,па веднаш ќе почнат да се боjoсуваат во поинакви бои и премази! |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 23°C
Делумно облачно
|
Петок
Ведро
Макс: 35°C, Мин: 18°C
|
Сабота
Сончево
Макс: 36°C, Мин: 21°C
|
|
|
|
|
|