02.02.2012, 17:06 Европратеници туристи
„Нека се засрамат“, изјави претставничката на евроскептичната партија УКИП во Европскиот парламент, Марта Андреасен, откако беа откриени сумите што некои пратеници ги трошат на полуслужбени патувања, за кои воопшто нема потреба.
Бриселското списание „Парламент“ наведува само неколку примери кои веднаш паѓаат во очи. Меѓу таквите е и патувањето на африканско-пацифичка парламентарна делегација во Киншаса, кое траело осум дена, а даночните обврзници ги чинеше над милион евра. Поточно 20.511 евра по лице за секој од 50 членови на делегацијата. Истата делегација седум дена престојуваше и на Тенерифе, а потрошија 11.000 евра по лице.
Во 2010 година, пратениците се наградувале со главно бескорисни делегациски посети на Мексико, Сејшелите, Конго и слични егзотични дестинации“, изјави Андреасен во соопштението во кое ги открива вистинските трошоци за тие патувања. „Дури и цените за патувањата во рамките на ЕУ беа астрономски. Апартман во хотел ’Риц‘ во Лондон чини огромни 540 евра за ноќ. Тогаш можете да замислите каков раскош ги дочекал европарламентарците во Рим, каде што дневните хотелски трошоци изнесуваат 1.619 евра по лице, за време на седмодневно патување“, вели Андреасен.
|