02.02.2012, 17:04 Збогум оружје
Бошњачките и хрватските ветерани, кои примаат државна помош, формираа паричен фонд и им помагаат на ветераните Срби, кои не добиваат таква помош
Некогашните огорчени непријатели, кои за време на воените ужаси во Босна беа на спротивните страни на линијата на фронтот, сега се обединија и формираа заеднички фонд за најзагрозените ветерани. Војниците постари од 35 години во 2010 година се пензионирани поради тоа што Босна и Херцеговина се обиде да ја подмлади армијата, но пензиите никогаш не стигнаа, и стотина поранешни војници дојдоа до работ на сиромаштијата, потсетува АП.
Српскиот ветеран Славко Рашевиќ е еден од нив. Тој беше во толку лоша материјална состојба што беше принуден да се закачи на струјната мрежа на соседот бидејќи не можеше да ги плати сметките. Не можеше да ги плати ниту автобуските билети за неговите три деца да може да одат на училиште. И кога се подготвуваше на својата 17-годишна ќерка да и' каже дека ќе мора да ја отпише од училиште доби неочекувани вести. Бошњачките и хрватските војници, кои почнаа да добиваат парична помош, се обединија и формираа фонд за поранешни српски војници. Секој од нив донираше по пет евра во фондот за српските ветерани.
Наместо да го поделат првиот собран износ од 5.000 евра на повеќе стотици лица, Србите се одлучија оние кои се во најтешка ситуација да добијат поголема сума на пари. Договорено е Рашевиќ да биде еден од оние кои овој месец ќе добијат помош од фондот. Така неговото и уште едно семејство ќе добијат повеќе од 500 евра, додека 55 српски ветерани ќе добијат по 60 евра. Ова е најнов и највпечатлив пример за зближување на поранешните непријатели во земјата полна со лузни од најлошото крвопролевање во Европа по Втората светска војна, наведува АП.
Бошњаците, Хрватите и Србите се обединија во штрајкот на железничарите, а сега служат заедно во иста војска, но ова е првпат една страна да собира пари за да и' помогне на другата. Рашевиќ пред 20 години и' се приклучи на војската на Република Српска за да се бори против бошњачките и хрватските непријатели во војната во која загинаа 100.000 луѓе, а речиси два милиони побегнаа.
Властите на муслиманско-хрватскиот ентитет, под притисок на ветераните кои протестираа, се согласија на пензионираните војници кои живеат на нивна територија од својот буџет да им исплаќаат околу 160 евра месечно се' додека не преминат на товар на државниот буџет. Меѓутоа, властите во Република Српска не се согласија да го направат истото за ветераните кои живеат на нивна територија. Гневот поради начинот на кој политичарите се однесуваат кон ветераните покрена бран солидарност меѓу поранешните непријатели, во земјата која има стапка на невработеност од 30 отсто, јавува американската агенција АП.
Во јануари, штом легнаа првите пари на нивните сметки, бошњачките и хрватските ветерани почнаа да собираат донации и собраните парични средства ги уплатија на сметката на српскиот ветеран Раде Ѓелатовиќ, кој е задолжен за распределба на парите. „Тоа беше шок. Некогаш пукавме едни на други, а сега ни испраќаат пари“, вели Ѓелатовиќ.
Од другата страна на етничката граница, во Горажде, Бошњакот Сенад Хубијер е запрепастен од тоа како политичарите несвесно придонесуваат за етничкото помирување. „Кога имавме 16 години политичарите ни дадоа пушки и не' принудија да се убиваме, а сега со своето незнаење не' принудуваат да си помагаме едни на други“, заклучи тој. (РТС)
|