Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Македонија
06.02.2012, 17:43

Снежен хаос низ Македонија

Алармирани се сите кризни штабови и зимски служби низ државата. Снежни виулици го нарушија секојдневното живеење во нашата држава. Има прекин во наставата, отсечени села и исклучени сообраќајници од употреба. Според метеоролозите, снегот ќе продолжи да паѓа

Бојан Шашевски


Зимата покажа заби. Низ земјава завладеа вистински снежен хаос. Минусните температури ги замрзнаа коловозите и тротоарите, обилните снежни врнежи го блокираа сообраќајот, го оневозможија приодот до високите лизгави предели и отсекоа голем број села, со што го загрозија и снабдувањето со основни продукти на дел од жителите. Насекаде се забележува сообраќаен метеж и нервозни возачи, особено на раскрсниците. Опремени со капи, шалови, дебели јакни и ракавици пешаците се побрзи од автомобилите. Повторно масовно се доцни на работа, а голем број ученици, по препорака на надлежните или од страв на родителите, се враќаат во своите домови.

Алармирани се сите кризни штабови и зимски служби низ државата. На помош на механизација на претпријатијата им се придружија и газдите на локалните продавнички. Камионите расфрлаа индустриска сол по црните точки - подвозниците, надвозниците, мостовите, високите места со цел што побрзо да се отстрани новиот снег од коловозите. Неколку пати беше предупредено дека нанесената сол нема ефект на минус 5 Целзиусови степени, па ситуацијата ги задолжи сите месни заедници, куќни совети и сопственици на фирми да го расчистуваат снегот од покривите и од приодите кон своите објекти.

Интензивните снежни врнежи драстично го отежнаа, забавија и на места го оневозможија патничкиот и железничкиот сообраќај. Беше воведена забрана за движење на тешки возила на планинскиот премин Стража, на патниот правец Дебар - Струга, кракот Маврово - Дебар и Тетово - Попова Шапка, а Меѓуградската автобуска и Железничката станица соопштуваа за доцнења на поголемиот број од своите регуларни линии.

Во скопскиот регион стигнуваа информации за големи снежни наноси и магла на патниот правец од селото Кучевиште кон селата Танушевци, Малино и Брест. На мака беа и локалните жители и надлежните претпријатија, бидејќи многу населени места беа комплетно отсечени. Со вакви проблеми се соочија жителите од селата Селце и Белушино од Битолско, Руница и Алашавце од општина Липково и десеттина села во Старо Негоричане. Силните врнежи го прекинаа чистењето на снегот до селото Каврак во Кратовско, а го оневозможија и пробивањето до селото Дренал во Кривопаланечко, Подлес во Градско, Цера и Саса во Штипско, но и до селата Кладник, Присовјани, Збажди, Ржанови, Локов, Селци и Дренок во охридскиот регион. Најверојатно ќе се чистат во претстојните денови.

Снежната покривка на Кожуф порасна до 217 сантиметри, во еден континуиран зголемувачки тренд низ текот на денот. Дел од зависниците од адреналин и туристите мораа да го фатат патот под нозе кон хотелите и домовите. Според Управата за хидрометеоролошки работи, на Маврово беа регистрирани 98 сантиметри снег, 80 во Штип, 77 во Лазарополе, 60 во Пожаране, 55 во Крушево, 30 сантиметри во Тетово и во Дебар... Синоптичарите предвидуваат слично време и во наредните денови. Некаде дури ќе има и пообилни снежни врнежи и зголемување на покривката за 30 сантиметри, со силен ветер и со температури кои ќе се спуштат и до минус 20 Целзиусови степени.

Се чини дека на снегот најмногу му се израдуваа земјоделците. По долгото лето и сувата есен, насадите и акумулациите конечно ќе добијат соодветно количество вода. Притоа, може да заборавиме и на опасноста од апсолутен минимум за водата за пиење.

Аеродромите затворени

Аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Апостол Павле“ во Охрид поради неповолните временски услови во земјава, од вчера се затворени за авиосообраќај. Летот на „Аустријан ерлајнс“ од Виена до Скопје беше пренасочен кон Софија, а авионот на „Туркиш ерлајнс“ се врати во Истанбул. Во Тирана, наместо во Скопје, вчера слетаа патниците од летот на „Адрија ервејс“ од Љубљана, додека пак, летот на редовната линија Загреб - Скопје беше одложен уште во утринските часови. Поради лошите временски услови, вчера на „Александар Велики“ се одложија и сите планирани полетувања кон Виена, Истанбул, Љубљана и Загреб.

Во „ТАВ Македонија“ велат дека дека ги преземаат сите потребни активности пистата повторно да биде подготвена за безбедно слетување и полетување.

„Службите на ТАВ работат постојано, со цел да ги одржат пистите проодни во текот на целиот ден. Аеродромот никогаш не е затворен. Сепак, поради снежните наноси и студеното време, тешко е пистата постојано да биде соодветна за безбедно слетување“, информираа од ТАВ. (С.Н.)

 


Статијата е прочитана 2511 пати.

Испрати коментар



ИСПРАВКА
Веле Самак



„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, -2°C

Слаби снежни врнежи

Сабота
Слаби снежни врнежи
Макс: 0°C, Мин: -3°C

Недела
Мешавина од дожд и снег
Макс: 2°C, Мин: -4°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |