03.10.2012, 17:58 ДУИ ќе го поддржи Груевски?
Централното претседателство на ДУИ заседаваше вчера
Конкретни позиции и стратегија за собраниската седница за доверба на Владата вчера попладне градеше и партијата на Али Ахмети, на состанокот на Централното претседателство и пратеничката група во Мала Речица. Високи партиски извори брифираа дека се очекува партијата да реши да гласа против барањето на СДСМ.
„Ние сметаме дека нема блокада на институциите, тие нормално функционираат. Со коалицискиот партнер немаме други несогласувања, освен за законот за бранители. За нас предвремени избори не се опција, барем не до декември“, велат од партијата на Ахмети.
Во однос на шпекулациите дека не е исклучено премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да го „претрка“ Црвенковски и тој самиот да бара гласање за доверба на Владата, во ДУИ тврдат дека не веруваат во таа можност и затоа воопшто нема да ја разгледуваат.
Во ДУИ не очекуваат дека до утрешната седница ќе има поместувања и околу позициите за законот за бранители, кој беше главна причина за заладување на односите меѓу коалициските партнери. Велат дека и по гласањето за доверба на Владата, тоа прашање ќе остане отворено и допрва за него ќе се бара решение.
Стратегија за утрешната седница денеска ќе крои и Централното претседателство на ДПА. Од партијата на Мендух Тачи најавуваат дека ќе гласаат за недоверба на Владата, бидејќи за тоа, како што велат, имаат еден куп аргументи. Сепак, ДПА нема да го потпише писменото барање за поддршка за изгласување недоверба на Владата, што им го испратиле социјалдемократите, бидејќи сметаат дека нема потреба од такво формално позиционирање. (Т.П.) |