25.07.2012, 19:14 Струјата и парното поскапеа среде лето
До крајот на годинава можно е да има повторно поскапување на електричната енергија доколку енергетските компании приложат пак зголемени трошоци
Маја Томиќ
Заврши неизвесноста кај граѓаните кога и за колку ќе поскапат и струјата и парното. Новиот ценовен шок дојде вчера. Од 1 август електричната енергија ќе поскапи за 9,83 отсто, а цената на парното греење оди угоре, меѓу 3,13 и 3,75 проценти.
Можеше да биде и полошо, не' тешат од Регулаторната комисија за енергетика, РКЕ. Затоа што ЕВН и ЕЛЕМ побарале поскапување на струјата од приближно 20 отсто, а „Топлификација“, пак од фантастични 36,45 отсто. Но, Регулаторна не ги прифатила во целост нивните барања.
Така, електричната енергија за тарифните потрошувачи од следниот месец ќе биде поскапа за двојно помалку, за 9,83 отсто. Од овие проценти, односно од средствата што ќе се собираат од наплатата на сметките, 3,76 отсто ќе бидат за ЕЛЕМ, а останатите за ЕВН. Истовремено, Регулаторна донесе одлука да го ослободи ЕЛЕМ од обврската за покривање на недостигот од електрична енергија за тарифните потрошувачи од увоз. Наместо ЕЛЕМ, отсега овој увоз за тарифните потрошувачи, односно домаќинствата, ќе го извршува ЕВН -снабдување.
„Потрошувачите реагираат дека секое поскапување е нов удар врз животниот стандард. Иако струјата не е социјална категорија, најпогодени ќе бидат сиромашните и невработените. Секое лето Регулаторна ги шокира граѓаните со одлуките за нови цени на парното и на струјата“. Ова е првата реакција од Организацијата на потрошувачи на Македонија.
Како што истакна на вчерашната прес-конференција претседателот на РКЕ, Димитар Петров, причина за зголемувањето на цената на електричната енергија се доставените извештаи од ЕВН „Македонија“ и од ЕЛЕМ за нивните трошоци во работењето во изминативе месеци од годинава, а кои се за над 5 отсто поголеми од проектираните. Главна причина, пак, за нивните повисоки трошоци од планираните е поголемиот увоз на електрична енергија во зимскиот период. Тоа, пак, беше неопходно поради недостигот на домашна струја од една, и долгата зима и ниските температури, од друга страна. Во исто време, поради истите овие причини во регионот, цената на киловат увозна струја драстично се зголеми. Според Регулаторна, за увоз на струја годинава ��иле потрошени околу 300 милиони евра, а Комисијата предвидела за таа намена околу 100.000 евра.
„Ако се прифатеа барањата на компаниите за зголемување на цената на електричната енергија, крајното зголемување за корисниците требаше да изнесува 19,78 проценти“, рече Петров. Тој додаде дека ЕВН „Македонија“, поради депресираната цена на струјата во моментов се соочува со сериозна неликвидност и доцни во плаќањето на своите обврски. Односно, дека ЕВН ги нема исплатено обврските за набавка на струја од ЕЛЕМ за мај, јуни и делумно за април годинава.
Тоа, како што кажа Петров, било и една од главните причини поради која ЕЛЕМ побарала да биде ослободена од обврската за увоз на струја за тарифните потрошувачи, а што согласно со Законот за енергетика, е обврска на ЕВН - снабдување. Процентот на наплатата на ЕВН во моментов изнесува околу 93 отсто, но неплатените сметки од 7 отсто се во износ од околу 14 милиони евра, што е главната причина за недоволната ликвидност на компанијата.
„До крајот на годинава можно е да има повторно разгледување на цената на електричната енергија ако компаниите приложат пак зголемени трошоци за над 5 отсто“, рече Петров.
Поскапува и топлинската енергија. РКЕ информира дека крајните потрошувачи од први август ќе плаќаат поскапо парно за 3,13 отсто. Тоа ќе важи за оние кои се приклучени на „Топлификација“. А, 3,75 отсто ќе скокне цената на парното од топланата „Скопје-Север“. Цената на парното од ЕЛЕМ „Енергетика“, пак, останува иста, бидејќи од нивна страна не било воопшто побарано зголемување.
„Доколку се прифатеше барањето на „Топлификација“ за промена на цената, за крајните корисници тоа ќе значеше поскапување од 36,45 отсто“, рече Петров и додаде дека тоа се должи на зголемените варијабилни трошоци за гориво кои се повисоки за 86 отсто. |