22.08.2012, 17:56 За Самарџиев гласаше публиката, за Џафер- жирито
На 19. издание на „Охрид фест“, во поп-вечерта публиката беше за Ристо Самарџиев
Елена Михајловска
Охрид - Ристо Самарџиев со песната „Езерска “ победи на поп-вечерта на 19. издание на „Охрид-фест - охридски трубадури”. Во текот на гласањето, тој речиси цело време беше на првата позиција и од гласовите на телевоутингот и претставниците на публиката освои вкупно 115 поени. Втората награда во оваа категорија ја доби песната „Прашај ме“ од Биба Додева, која имаше вкупно 95 поени, а на третото место се најде охриѓанецот Денис Мурат, кој за композицијата „Без мене“ собра вкупно 80 поени.
Првата награда од Советот на фестивалот му беше доделена на Мики Јовановски-Џафер. На втората позиција, според Советот, беше композицијата „Моја самовила“ во изведба на Влатко Илиевски, а третата награда ја однесе Биба Додева и песната „Прашај ме“.
Александра Пилева, за песната „Дали после се' ме љубиш“ ја освои наградата за најдобра интерпретација, додека за најдобар сценски настап беше награден Ивица Велоски, кој ја изведе песната „Никогаш не вели никогаш “. За најдобар дебитант беше прогласена Лена, кој со песната „Магија“ победи и во вечерта на дебитантите. Специјалната награда „Долни Сарај” отиде во рацете на Александар Тарабунов за песната ,,Овие денови’’. Од вкупно 22 изведени композиции, наградата за најдобар аранжман му припадна на Дарко Тасев за песната „Животот е како коцка“,’ која ја испеа Саша Стојановиќ-Сале, додека, пак, Весна Малинова за песната „Се' што ме врзува за тебе“, која ја изведе Лиле, ја однесе наградата за најдобар текст.
Публиката задоволно реагираше на победничката песна на Самарџиев и коментираше дека песната е многу динамична, разиграна и певлива и дека ќе прерасне во вистински летен хит.
Инаку, годинешното издание на фестивалот ,,Охрид фест“ помина во беспрекорна техничко-сценска реализација. Освен наградените, на сцената настапија голем број естрадни ѕвезди од македонската поп-музика, како што се Ристе Тевдоски, Били Звер, Жармена, Александар Белов, Иван Раденов, Андреј Миске, Дејан Спасиќ и многу други.
Убавата фестивалска атмосфера ја надополни и водителската двојка Лила Филиповска и Дамјан Дренковски. Во рамки на шоу-програмата публиката уживаше во настапите на Николина и групата „Супернова“ од Хрватска, како и во песните на Ѓоко Ѓорчев.
На Интернационалната вечер, која ќе се одржи вечерва, покрај најдобрите од поп-вечерта, на сцената на Долни Сарај ќе настапи Ј-ДА од Турција, Тахмина Нијазова од Таџикистан, Сијран од Азербејџан, како и многу други познати поп-ѕвезди од регионот. |