21.05.2012, 19:04 Постбукурешка атмосфера по Чикаго! Зошто?
Македонија не доби ни покана ни ново охрабрување, туку уште некои услови
Слободанка Јовановска
На Македонија во Чикаго и' го повторија Букурешт: уште пред претседателот Ѓорге Иванов да побара почитување на хашката пресуда, лидерите на земјите-членки на НАТО заклучија дека условот што ни го дадоа во 2008 година и натаму останува. Од велелепниот конференциски центар вчера не стигна велелепна вест, како што впрочем не се ни очекуваше во земјава, а нема ни детали дали некој воопшто на главната расправа го отворил прашањето со Македонија, поинаку освен формално. Во поздравните обраќања не ни се случи ни изненадувањето од Стразбур, односно претседателот на САД Барак Обама не покажа со гест или со изјава дека се' уште се надева оти Македонија брзо ќе стане членка на Алијансата. Генерално владееше молк на тема Македонија, а шефот на делегацијата, претседателот Иванов, одеше по цркви и училишта или се среќаваше со тие кои и пред тоа ни даваа поддршка во билатералните контакти, т.е. функционерите на Словенија и Турција. Во завршниот документ НАТО ни порача нам, а со тоа и на Грција, дека треба да си го решиме спорот околу името, па и повеќе од тоа - побара да се интензивираат напорите, а преговорите да продолжат без одлагање. Потоа, побара продолжување на реформите и изградба на мултиетничко општество, елемент што го немаше во Букурешт, Стразбур и Лисабон. На позитивната страна, ако може да се нарече така, НАТО ни порача дека вратата за нови членки е отворена, дека го цени учеството на Македонија во мисиите на Алијансата и ја вреднува долгорочната посветеност на определбата за прием во НАТО. Генерално, во заклучоците НАТО порача дека на Балканот, како стратегиски регион, се важни демократските вредности, регионалната соработка и добрососедските односи, па така нашиот услов се издигна на повисоко, регионално ниво.
„Го повторуваме договорот на Самитот во Букурешт во 2008 година, како што тоа го сторивме и на следните самити, да и' се даде покана на БЈРМ да се приклучи на Алијансата штом се најде заедно прифатливо решение на спорот за името во Обединетите нации и силно ги поттикнуваме напорите тоа да се стори. Брзо решение, и како резултат на тоа брзо членство ќе придонесе за мирот и за стабилноста на регионот. Ги охрабруваме преговорите да продолжат без натамошно одложување и очекуваме што побрзо да завршат. Ние ги поздравуваме и продолжуваме да ги поддржуваме реформските напори во земјата. Исто така ги охрабруваме напорите за натамошно градење на мултиетничко општество. Го цениме учеството на Македонија во нашите операции и улогата што ја има во регионалната соработка, ја вреднуваме и долгорочната посветеноста во пристапувањето кон НАТО-алијансата“, стои во усвоените заклучоци на Самитот во Чикаго.
Вчера претседателот Иванов и министерот Никола Попоски требаше да присуствуваат на три средби. Првата лидерска, на тема Авганистан на која претседателот Иванов требаше да биде на иста маса со генералниот секретар Андерс Фог Расмусен, со претседателот на САД Барак Обама и многу други лидери од НАТО и ИСАФ-мисијата. Втората средба беше министерска, и на неа Никола Попоски со шефовите на дипломатиите на НАТО и на другите земји аспиранти (Грузија, БиХ и Црна Гора) требаше да ги пренесат своите ставови околу прогресот што го прават за зачленување во Алијансата. Третата средба беше на ниво НАТО и земји-партнери, т.е. тие кои соработуваат со Алијансата а не се членки, каде што исто така требаше да биде претседателот Иванов. На првата од нив тој најави дека ќе го отвори експлицитно прашањето за приемот на Македонија и за хашката пресуда. Сепак, според грчки извори, индивидуалните обиди на некои земји да го актуелизираат тоа прашање не дале резултат, што се гледа и од заклучоците. Ниту од грчки ниту од македонски извори вчера не можеше да се разбере го употребила ли Атина ветото со кое делегацијата на ниско ниво тргна за Чикаго, или воопшто немало потреба за тоа.
|