21.05.2012, 18:59 Новинари со полиција на суд
Селективната правда е најстрашниот облик на неправда, велат од Синдикатот на новинари
Горан Адамовски
Полицијата по налог на судот вчераутро дојде во просториите на „Дневник“ во центарот на Скопје. Го бараше главниот и одговорен уредник, Зоран Андоновски, против кого се води кривична постапка поради текст објавен пред 15 месеци во „Нова Македонија“, додека тој беше прв човек таму. Истовремено, во „Нова Македонија“, полицајците ја бараа новинарката Искра Опетческа, авторот на текстот по кој пратеникот Васил Пишев тужи за клевата. Во спорниот текст, новинарот, без директно да го спомене името и презимето на народниот избраник, но со јасна илузија дека станува збор за сопственикот на рафинеријата за масло „Ал-макс“, го наведува како осомничен во случајот „Пајажина“. Објавениот демант во „Нова Македонија“ не е доволен, па Пишев тужи поради нарушен углед.
Досега се одржале неколку рочишта, бидејќи против Опетческа и Андоновски се водат три тужби: од пратеникот, неговата сестра, која е косопственик на „Ал-макс“ и од фирмата. Опетческа објаснува дека не знае кога стигнала поканата за вчерашното рочиште.
„Уредно ги примам сите покани што доаѓаат на моето работно место. Не сакам да се кријам или да одолжувам, па се потпишувам на поканите. Но, овојпат не добив покана и вчера се шокирав кога полицајците дојдоа по мене“, тврди Опетческа, потенцирајќи дека полицајците биле коректни.
Покана не добил ниту Андоновски, кој сега е одговорен во „Дневник“. Вчерашното рочиште за овој случај се одложи, судењето ќе продолжи во септември. Тужителот бара отштета од 200.000 денари.
Најновата епизода од сапуницата „Судот против новинари“ уште еднаш го докажа различниот аршин што надлежните го имаат во зависност од тоа кој се наоѓа на обвинителната клупа. Додека за новинарите, по потреба се ангажира и полициска асистенција, за политичарите на пример, тешко е да се утврди адресата на живеење, дури и работното место, па поканите за суд не успеваат да дојдат до нив. Поради тоа, судењата траат со години и години, најчесто и без епилог. Има ли селективност во работењето на судот беше прашањето што вчера го поставивме и до надлежните во Основниот суд Скопје 1, но одговор не добивме ниту откако испративме имејл, како што ни беше побарано. Ниту во Здружението на новинари вчера немаше никој за коментар.
„Ние имаме работни спорови, кои според Закон треба да се решат за шест месеци, а на кои поминува една година до прво рочиште. Имаме владини функционери, заменик-премиери и пратеници, кои се тужени за клевета искажана од позиција на власт, но на кои Судот никако не може да им ја утврди точната адреса и да ги повика на судење. Селективната правда е најстрашниот облик на неправда, затоа што Ве онеправдува и Ве дискриминира во исто време. За жал, се покажа дека новинарите, медиумските работници па и самите медиумски куќи се многу лесна цел за тренирање таква селективна строгост“, вели Тамара Чаушидис од Синдикатот на новинари и медиумски работници.
Изминатиов период, јавноста беше запознаена со еден куп кривични пријави и пресуди против новинари, тужени од политичари. Во постапки што неретко завршуваат и без присуство на тужените новинари, се досудуваат астрономски отштети. Поради тоа, веќе подолг период траат преговорите за декриминализација на клеветата, што, пак, веројатно ќе придонесе за уште поголеми отштетни побарувања, а се споменуваат црни листи на судии, но праксата покажува дека новинарите се' уште се на отстрел.
И додека полицијата редовно успева да ги пронајде новинарите и да тропне на нивната врата кога треба да ги приведе, медиумите со месеци пишуваат дека судските покани никако не стигнуваат на адресата на одредени функционери, пратеници и амбасадори, па судските процеси се развлекуваат во недоглед.
Александар Бичиклиски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, судот или не може да утврди каде живее, а кога му ја откри адресата, тој веќе се преселил во новиот дом. Веќе подолго време судските доставувачи не можат да го лоцираат ниту помошник-министерот за внатрешни работи Иво Котевски. Меѓу оние кои се водат како „недостапни“ за судовите е и македонскиот амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски. За него, судот немаше слушнато дека тој е на илјадници километри од земјава, па продолжи да му доставува покани, а кога им беше кажано за неговото заминување во Кина, целиот случај беше заглавен. Од судските покани „бегаат“ и опозиционерите. |