11.05.2012, 22:26 Перо Антиќ во финалето на Евролигата!

Во полуфиналните дуели на фајнал-форот во Истанбул, Олимпијакос славеше над Барселона со 68:64, додека ЦСКА Москва го совлада Панатинакос (66:64)
Перо Антиќ се наоѓа на само еден чекор до титулата европски првак откако вечерва со тимот на Олимпијакос славеше над Барселона со 68:64. Македонскиот капитен беше дел од стартната петорка на тренерот Душан Ивковиќ, мина на теренот 18 минути и имаше свој придонес во големиот триумф и пласманот во финалето, каде што грчкиот гигант ќе се сретне со рускиот првак ЦСКА Москва.
Антиќ го заврши мечот со 4 поени, 3 скокови и една блокада, но заврши одлична работа во одбраната против Лорбек, ограничувајќи го словенечниот итнернационалец на само девет постигнати поени за 29 минути игра.
Кај Барселона прв стрелец беше Хуан Карлос Наваро со 18 поени, а единствен друг двоцифрен во нападот беше Бонифас Ндонг со десет поени.
Во првото полуфинале, во фантастичен и крајно неизвесен натпревар, ЦСКА Москва славеше против Панатинаикос со 66:64.
Грците фантастично го отворија мечот и првата четвртина ја добија со високи 29-15. Но во вториот период Русите буквално го затворија својот кош и на противникот му дозволија да постигне само пет поени за на полувремето да заминат со негатива од два поени 34-32. Во третиот период беше најизедначено, но во финишот Панатинаикос влезе со четири поени предност.
Двата тима се менуваа во водството, а победникот беше решен во последните моменти од средбата. Теодосиќ на осум секунди до крајот при резултат 66:64 од линијата за слободни фрлања можеше да го реши победникот, но беше непрецизен во двата обиди. Панатинаикос имаше напад за израмнување или за победа, но ЦСКА со добра одбрана врз Дијамантидис не дозволи противникот ниту да бие кон кошот.
Кириленко со 17 поени беше најпрецизен кај победничкиот тим, 15 постигна Швед, додека Теодосиќ реализираше 12 поени. Кај Панатинаикос најмногу се истакна ветеранот Јасикевичиус со 19 поени, Батист реализираше 11 поени, додека Дијамантидис само еден помалку
|