03.07.2008, 18:15 Трговците и државните фирми доцнат со патриотските сметки
Од УЈП велат дека рокот не може да се пролонгира
Александар Пешев
По истекувањето на крајниот рок за инсталирање на патриотскиот софтвер на фискалните каси, пред компанијата „Акцент компјутери“ се' уште чекаат трговци со фискални каси в рака. И покрај строгите прописи и високите казни, дел од државните институции го пречекорија рокот за инсталирање на новиот софтвер во своите фискални каси. Патриотските фискални сметки се' уште ги нема во Собранието на Република Македонија и на наплатните рампи за патарини. Од УЈП потсетуваат дека законот важи за сите, и дека секој даночен обврзник кој за услугите и производите наплаќа во готово, ќе биде казнет доколку не издава патриотска фискална сметка.
Трговците кои чекаа и вчера пред „Акцент компјутери“ се жалат на непрофесионалниот однос од компанијата која, како што вели еден од приватниците, не го следи примерот на нивните колеги од другите компании кои оделе од врата на врата за да им го инсталираат софтверот на своите клиенти. Од „Акцент“ и понатаму се недостапни за информации во врска со бројот на фискални каси кои треба да ги надградат. Според трговците, од фирмата им се правдале дека се преоптоварени со клиенти.
„На луѓево им велат дека дневно се надградувале по 150 фискални каси и дека не чекаат тука поради тоа што се неефикасни, туку затоа што се преоптоварени“, објаснува еден од трговците. Според него, пресудниот фактор за купување фискална каса од „Акцент“ била цената. „Кога ја купувавме касата, ’Акцент‘ имаше најповолни цени, а и многу реклами. Токму затоа ја избравме оваа фирма“, објаснува трговецот.
По истекувањето на крајниот рок за инсталирање на софтверот, главната грижа на трговците е дали ќе бидат казнети поради тоа што навреме не почнале со издавање фискални сметки со детален преглед на купените македонски производи. Приватниците засега работат со парагон-блокови и се надеваат дека потврдата за поднесено барање за инсталирање нов софтвер на фискалните каси ќе ги спаси од казните кои достигнуваат и до 5.000 евра. Официјалната цена на патриотскиот софтвер, објавена на Интернет страницата на „Акцент“ е 2.360 денари. Проблеми со навремено инсталирање на патриотскиот софтвер има и „Електро софт“. Оваа компанија преку соопштение ги информира своите клиенти дека инсталирањето на новиот софтвер се одложува поради технички проблеми.
Од Управата за јавни приходи велат дека рокот не може понатаму да се пролонгира, бидејќи воведувањето на патриотските сметки веќе еднаш било одложено од 1 април годинава до 1јули.
Од УЈП велат дека при вршење контрола, инспекторите ќе ги имаат предвид последните случувања со овластените сервисери.
Од Владата упорно тврдат дека со воведувањето на патриотските фискални сметки ќе се зголеми конкурентноста и потрошувачката на македонски производи. Наредбата за инсталирање на патриотскиот софтвер не ги заобиколи ни фирмите кои работат исклучиво со странски производи или кои нудат услуги. |