03.07.2008, 18:13 Антикорупциска оформи дебело досие за Топилница
Владата два месеца ги игнорира барањата да каже како ги потрошила парите во кампањите
Катица Чангова
Државната комисија за спречување на корупцијата оформи дебело досие за велешка Топилница. По објавениот тендер за продажба и сомневањата за коруптивни елементи, побарани се децидни информации од министерствата за економија и за екологија, како и од стечајниот судија.
„Нашите сензори велат дека има сериозен простор за постапување во случајот со Топилница. Ќе работиме интензивно и ќе ги презентираме нашите сознанија“, вети на вчерашната прес-конференција претседателката на Антикорупциската комисија, Мирјана Димовска.
Повеќе од два месеца Владата ги игнорира барањата и ургенциите на ДКСК за парите потрошени во кампањата „Во каква Македонија сакаш да живееш“.
„Владата не одговори дали кампањата е во согласност со Законот за јавните набавки, дали била предвидена со годишниот план за јавни набавки и за кој период на реализација, дали биле предвидени пари во Буџетот и колку средства се потрошени. Затоа, на 25 мај по втор пат ургиравме до Владата да ги достави бараните информации“, беше речено на вчерашната прес-конференција.
Антикорупциската комисија ги повика политичките партии да кажат колкав медиумски простор користеле за изборите, во кои медиуми, дали имале бонуси. Димовска најави дека очекува од Советот за радиодифузија да го достави конечниот извештај до ДКСК за обемот на платеното политичко рекламирање во изборите, со што, според неа, ќе се утврди колку пари биле потрошени за изборната кампања.
Во текот на изборниот процес најголеми вработувања има во „Проаква“ во Струга, дури 165, седум во РЕК „Битола“ и пет во ФЗО - Струга. За овие вработувања следат натамошни постапувања, најавија од Антикорупциска комисија.
„Од 22 институции кои не го испочитуваа утврдениот режим во текот на изборите, се' уште чекаме одговори за волонтерите кои протестираа на Клиниката за гинекологија и акушерство, за 90 вработувања на определено време во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, од Охридскиот катастар за 13 вработувања, за 20 вработувања во ЈПАУ „Македонија“, како и за 42 вработувања во Заводот за здравствен дом во Тетово“, истакна претседателката на ДКСК.
Јавниот обвинител во Струга бил известен за основано сомневање дека е направен поткуп на избирачи во полза на Партијата за европска иднина, кај месниот одбор во село Подгорци. Во одговорот од струшкиот јавен обвинител се подвлекува дека кривичната пријава се отфрла.
„Интересно е што и во вакво отфрлачко решение не е негирано дека имало елементи за поткупување на избирачите на теренот“, појасни Димовска, најавувајќи дека за случајот писмено ќе биде известен државниот јавен обвинител.
Антикорупциска ќе иницира постапка за кривично гонење на двајца поранешни градоначалници на Општина Студеничани, Ештреф Исени и Азем Садики, поради основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Исени и Садики склучиле штетни договори, при што за себе и за други злоупотребиле 18 милиони денари општински пари. |