03.07.2008, 18:14 Признанија за добро управување за Царината, МАПАС и Велес
Царинската управа на Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Општина Велес се трите институции кои најуспешно ги применуваат принципите за добро управување, за што вчера добија признанија и парични средства од Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФИООМ), во рамки на проектот „Процена на потенцијалот за добро управување“.
Гордана Дувњак, претседател на Управниот одбор на ФИООМ, истакна дека со проектот сакале да направат процена на потенцијалот на државните институции и на сите што носат важни одлуки кои влијаат на квалитетот на нашето живеење. Драгољуб Арсовски, претседател на жирито, рече дека прашањата опфатени во проектот биле направени на начин преку вкрстени одговори да се дојде до резултатноста и точноста на информациите во владеење на управувањето.
Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, најави дека средствата добиени преку проектот (10.000 долари) ќе бидат насочени за обезбедување нов метод и можност за едукација на вработените, додека, пак, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, рече дека средствата ќе бидат искористени за реконструкција на младинскиот парк.
Во МАПАС, како што рече директорката Зорица Апостолска, средствата ќе ги искористат за обука за обезбедување добро управување според светските стандарди и добар капацитет во стручниот кадар. (П.Р.) |