09.11.2011, 17:06 Добивме поволен заем - да се радуваме или да стравуваме
Кога Ставрески информираше за новото задолжување со поволни услови, се доби впечаток дека се работи за голем успех на Владата
Нина Нинеска-Фиданоска
Кога Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии, завчера информираше дека државата зела кредит од 130 милиони евра, кај дел од јавноста се создаде впечаток дека тоа се претставува како исклучителен успех на нашата администрација, што успеала да обезбеди пари во вакви тешки времиња, и тоа под прилично поволни услови.
Инаку, Македонија ги позајми средствата од Дојче банк и од Сити банк. Рокот на отплата е пет години, со камата од 4,25 отсто, плус 0,5 проценти провизија за Светска банка за гаранцијата. Ќе се отплаќа еднократно по завршување на петтата година од повлекување на средствата. Чуварот на државната каса уверуваше дека ваквите исклучително поволни услови се потврда за добрите политики што ги водела Владата, благодарение на кои земјава се вбројувала во редот на стабилни земји. „Во вакви времиња кога земјите доаѓаат тешко до средства и никој не прашува за цена, Македонија не само што доби 130 милиони евра, туку ги доби по исклучително поволни услови“, истакна Ставрески.
Но, дали нацијата навистина треба да е пресреќна што нејзината Влада влегла во нов долг од 130 милиони евра, па макар тој бил и со најповолни каматни услови? Уште едно прашање се поставува, доколку се разгледаат бројките. Имено, во март Владата повлече 220 милиони евра од кредитот од ММФ, но досега не се даде прецизно објаснување „каде гореше“ што мораше да се земат тие пари, па се остави простор одредени кругови да шпекулираат дека нивната главна намена ќе биде „купување“ на гласачкото тело пред изборите. Со сега добиените 130 милиони евра, пак, вкупниот износ на задолжувања во странство што државава го направила само оваа година, е 350 милиони евра. А од друга страна, буџетскиот дефицит за 2011 е нешто помалку од 190 милиони евра. Значи, велат познавачите, остануваат уште 160 милиони евра од заемите, чијашто намена не и' е прецизно соопштена на јавноста. Навистина, Ставрески изјави дека дел од овие 130 милиони евра ќе се користат за покривање на дефицитот во оваа година, а дел и за наредната. А, и за тие 220 милиони евра од ММФ постоеја изјави од власта дека не се целосно потрошени. Но, зарем не треба сите тие суми поконкретно да се презентираат, ако ништо друго, затоа што заемите ќе се враќаат со народни пари.
„Утрински весник“ вчера постави прашање до Министерството за финансии, колку точно од повлечените 220 милиони евра од ММФ досега се потрошени, а колку останале во државната каса, но до затворањето на весникот, не доби никаков одговор.
Како економската наука гледа на најновиот заем од 130 милиони евра? Дел од експертите го критикуваат постојаното задолжување на земјата, со објаснување дека никој од него нема корист, а други, пак, сметаат дека во вакви времиња во кои се навестува сериозна криза во Европа, е оправдан потег, бидејќи тие средства треба да ни служат како еден вид резерва.
Никола Поповски, професор на Европскиот Универзитет, вели дека Владата веќе четврта година по ред финансира дел од своите зголемени потреби со директно задолжување на земјата во странство. „Од исклучок, тоа сега се претвора во правило, со кое Владата годишно се задолжува во обем од 150 до 200 милиони евра. Со оглед дека овие средства се за покривање на буџетскиот дефицит, јасно е дека и нивната употреба ќе биде соодветна на структурата на буџетот, односно најголемиот дел од нив ќе се потрошат на плати, пензии и социјални давачки, кои се најголем дел од буџетските трошоци“, објаснува поранешниот министер за финансии. Според него, да биле потребни средства за изградба на економска инфраструктура или за развој, тогаш Владата нив би можела да ги обезбеди од Светска банка, по многу поповолни услови. Но, бидејќи не се за инвестиции и за развој, туку за тековни потреби, Владата нема друг избор освен да се задолжува со кредити од комерцијалните банки во странство. „Оваа пракса на Владата еден ден мора да се прекине, бидејќи не води никаде, а земјата постојано се задолжува со високи износи, од што никој нема корист“, вели Поповски.
Мирољуб Шукаров, професор на Универзитетот на ЈИЕ, пак, смета дека во овој момент на Македонија очигледно и' се потребни тие пари. „Кризата во Европа е се' поизвесна, што значи таа ќе се почувствува и во Македонија, што сигурно ќе го забави полнењето на буџетот. Доколку дојде до намалување на стопанската активност, ќе бидат пониски и приходите од даноци. Ќе се намалат и увозот и извозот, а тоа ќе ги намали и царинските приходи. Значи ќе има помали приливи на средства во буџетот. Заради тоа, добро е однапред да се има одговор на таа ситуација, а токму таков е овој заем со поволни услови, кој ќе помогне да се премости тој тежок период од околу три до четири години“, објаснува Шукаров. Според него, очигледно е дека средствата се земени преку поинакви аранжмани, а не како класична позајмица на меѓународните пазари на капитал, кои во моментов се пренапрегнати. Овој аналитичар смета дека заемот е земен во право време, бидејќи беше потребно да се обезбеди резерва која ќе служи како заштита од шоковите, кои е очигледно дека ќе настанат.
Но, дали не станува збор за презабрзано задолжување? „Се согласувам дека секое задолжување не е пријатно. Но, со оглед што во овие моменти е битно да се одржи стабилноста на државата, сметам дека штетата од задолжувањето во овој момент би била помала од штетата од евентуален удар од неликвидност. Сега и во Италија може да дојде и до политичка криза, за што Грција ќе биде играчка. Затоа, мора да се обезбеди таа резерва“, вели професорот, додавајќи дека средствата ќе се вратат по пет години, а Владата веројатно има анализа дека тоа ќе биде подобар период. Доколку, пак, кризата во Европа не биде толку драматична, што сите го посакуваме, Шукаров вели дека позајмените средства би се третирале како некој вид „погрешна проценка, чија цена, сепак, ќе биде пониска отколку да се дозволи нестабилност на економијата“. |