18.03.2012, 16:23 Српскиот убиец возел такси низ Охрид
Охрид - Српскиот убиец Владимир Јорга (37), кој неодамна беше уапсен во Охрид, повремено работел како таксист во градот. Превезувал патници од земјава и од странство, но и од неговата родна Србија, но никој во изминативе седум години не го препознал дека се крие во Македонија. Полицијата му влезе во трага по 10 - годишно бегство. Владимир Јорга, во Охрид, формирал и семејство. Има две малолетни ќерки, но немал постојано вработување. Тој е син на некогашниот прославен југословенски каратист Илија Јорга, носител на неколку европски и светски титули. Во Охрид живеел како мирен, тивок и повлечен човек, под лажен идентитет и државјанство на Босна и Херцеговина. Како што дознаваме, бил мирен и тивок и при апсењето, кое се случи пред еден охридски ресторан. На полицијата не и пружил никаков отпор. Според првичните сознанија на истрагата, Србинот со босанскиот пасош на туѓо име, уредно влегол во земјава пред седум-осум години.
.Злосторството го направил во 2002 година, во неговото родно Панчево, во кафулето „013“ каде што најпрво се скарал со Горан Грбан (25), а потоа и го застрелал. Притоа, еден од куршумите тешко ранил седумнаесе��месечно бебе, кое спиело во количка. Бебето, кое со родителите и постариот брат шетало низ центарот на градот, едвај преживеало. Куршумот го погодил во глава, а потоа се лизнал во стомакот. Јорга и Грбан, наводно, биле во кавга поради девојка. Според шпекулациите, приближно една година пред убиството, двајцата и се степале, при што Владимир го извлекол подебелиот крај, добивајќи ќотек со безбол-палка. По приведувањето во Охрид, му е одреден едномесечен притвор и се очекува негова екстрадиција во Белград. (В.М) |