05.06.2012, 11:52 (ФОТО) Поп-ѕвездите во чест на Нејзиното Величество
Британската кралица Елизабета синоќа беше домаќинка на голем поп концерт, во рамките на четридневното одбележување на дијамантскиот јубилеј
Во кралската ложа седеле принцот Чарлс со сопругата Камила и принцовите Вилијам и Хари. Концертот го отворил Роби Вилијамс, кој го го отпеал својот хит „Let me entertain you“, а потоа настапила групата „Black Eyed Peas“ со песната „I Gotta Feeling".
Најголем аплауз добиле изведувачите - ветерани: Клиф Ричардс, Том Џонс и Ширли Бејзи со песната „Diamonds Are Forever“. На величествениот концерт пред Бакингемската палата настапиле уште: Пол Макартни, Стиви Вондер, Елтон Џон, Кајли Миног, Џеси Џеј, Грејс Џонс.
Групата „Меднес“ од покривот на палатата со 775 соби го извела својот голем хит „Our House“ од 1980 година. На музичкиот настан присуствувале десетици илјади луѓе, кои купиле влезници, а многу повеќе се собрале во блиските паркови.
Поп концертот е завршен со говорот на принцот Чарлс, посветен на неговата мајка, а потоа кралицата со помош на голем „дијамант“ активирала „пламен“ кој се вивнал во небото, а потоа следувал величествен огномет.
Во дворот на Бакингемската палата, пред концертот е приреден пикник, на кој биле поканети 12.000 добитници на лотарија, како и голем број истакнати гости. Секој гостин добил кошничка со разни деликатеси: чаден шкотски лосос, ледена супа од зеленчук, пилешко, сирење, чајни колачиња и колач од јагоди, одгледани на имото на кралицата. Во кошнишката имало и британска застава и пластична кабаница, во случај да заврне.
На концертот не присуствувал сопругот на британската кралица Елизабета Втора, принцот Филип, кој во сабота ќе наполни 91 година, поради инфекција на бешиката. Тие двајцата се во брак 64 години.
|