29.01.2012, 17:34 Соработка меѓу градоначалниците-Албанци во регионот
Ќе се одржи национален конгрес на албанските градоначалници од Македонија, Албанија, Косово и од Црна Гора. На конгресот ќе се разговара за сите прашања и можности за соработка меѓу општините кои се раководени од градоначалници-Албанци во четирите држави.
Иницијатива ја повел македонскиот вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери, за време неодамнешната средба во Скопје со градоначалникот на Тирана.
„Градоначалникот на Тирана, Лулзим Баша, ја прифати иницијативата на заменик-премиерот Џафери за време на нивниот состанок во Скопје на 17 јануари 2012 година за одржување национален конгрес на сите општини, на чие чело се албански градоначалници во Албанија, Косово, Македонија и во Црна Гора“, се вели во соопштението од Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор.
На иницијативата и' се приклучил и градоначалникот на Тетово, Сади Беџети, по средбата со градоначалникот на Тиранa. (П.Р.) |