01.02.2012, 14:45 Петстотини нови паркинг места во Капиштец
Градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ денеска го пушти во употреба новиот монтажен двокатен паркинг во населбата Капиштец. Новиот паркинг е лоциран на улицата „Народен Фронт“, спроти трговскиот центар „Беверли“.
Со изградбата на монтажниот паркинг бројот на паркинг места на веќе постоечкиот паркинг простор ќе се зголеми за дополнителни 135 паркинг места во првата фаза. Со целосната изградба на монтажниот паркинг, жителите на населбата Капиштец ќе добијат нови 500-тини места за паркирање.
- Со оваа инвестиција решаваме еден од најголемите проблеми на жителите од населбата Капиштец - наоѓање на слободен паркинг простор. Една од главните заложби на општина Центар и понатаму ќе остане изградбата на нови објекти од овој тип, како и проектирање на целосно нови паркинг простори, рече Тодоровиќ и додаде оти во општина Центар дневната фреквенција на возила е најголема.
Од тука, истакна Тодоровиќ, наша одговорност е покрај на жителите на општината да им обезбедиме непречено паркирање и на сите граѓани, кои за своите дневни обврски или за исполнувањето на своите работни активности доаѓаат во нашата општина.
За изградба на првата фаза од изградбата на монтажниот паркинг во Капиштец, општина Центар издвои 41.425.142 денари, а вкупната вредност на монтажниот паркинг со вкупен капацитет од 500 нови паркинг места изнесува 136.705.216 денари.
Монтирањето го изврши компанијата „Масон инженеринг“, а по комплетирањето на монтажниот паркинг, од општината најавуваат и хортикултурно уредување на просторот, како и поставување на урбана опрема.
|