31.01.2012, 11:34 Заеднички софтвер за систем-операторите од 15 држави во ЈИЕ
Сите систем-оператори од државите на Југоисточна Европа ќе користат заеднички софтвер за проверка на прогнозите за доделените капацитети за пренос на електрична енергија и моќност низ мрежите на 15-те држави од овој регион.
Прогнозите ќе се изработуваат по принципот „Ден однапред“ и ќе се подготуваат секојдневно. Со нивна примена ќе се засили сигурноста на преносната мрежа на регионално ниво при оперативно планирање.
За таа цел во организација на МЕПСО, денеска во Скопје, ќе заседава работната група за интеграција на пазарите во која членуваат експерти на систем-операторите од Австрија, Италија, Романија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија, Македонија, а како гости ќе присуствуваат и претставници на систем-операторите од Турција, Косово и Албанија.
На средбата ќе биде претставена работна верзија на софтверот за пресметки на прогнозите за која свои сугестии ќе даваат преставници на систем-операторите кои членуваат во таа работна група која работи под покровителство на ЕНТСО-Е (Европската асоцијација на систем-оператори кои управуваат со електроенергетските системи).
Софтверот што заеднички ќе го применуваат систем-операторите го изработува ЕКЦ, консултантска компанија со седиште во Белград, Република Србија. Планирано е финалната верзија на софтверот да биде изработена до јуни годинава, по што ќе биде интегриран во секоја од компаниите систем-оператори.
На денешниот состанок на работната група за интеграција на пазари, која работи во рамки на Комитетот за пазари на ЕНТСО-Е, ќе се разговара и за воспоставување на заеднички модел на преносната мрежа за Југоисточна Европа за пресметка на нето капацитетите за пренос на електрична енергија (НТЦ). Ќе биде разгледана и проценка на нето преносниот капацитет (НТЦ) за 2012 година, а ќе се хармонизираат и методологиите и процедурите за пресметка на НТЦ и други точки од заедничко значење за сите оператори учесници.
|