30.01.2012, 15:39 ИВЗ: Исламофобијата е комбинирана со владина пропаганда
Исламската верска заедница (ИВЗ) реагира на, како што велат, понижувањето на исламската вера на Вевчанскиот карневал, како и исмејувањето на Куранот.
„Загрижени сме за жал, што последниве денови во Македонија, исламофобијата често пати е комбинирана со владина пропаганда, како што е случајот со Вевчанскиот карневал, каде што Владата на Македонија секоја година за овој фестивал доделува 50 илјади евра од парите на сите граѓани, вклучувајќи ги и парите на муслиманите.
Уште повеќе состојбата се усложнува со учество на високи владини функционери, како што е министерката за култура, пратениците од позицијата и опозицијата и претседателот на општина Вевчани“ се вели во писмената реакција на ИВЗ.
ИВЗ бара да биде поднесена кривична пријава против сите кои ги повредиле чувствата на муслиманите.
„Во спротивно ќе сметаме дека и државниот врв е поддржувач на ваквото организирано однесување“ велат од ИВЗ.
Според нив, државното раководство го премолчило и омаловажувањата на Албанците и Турците во Ниш и Белград, на Европското првенство во ракомет 2012 година.
„Културниот фанатизам било од која страна да доаѓа, а кој излегува надвор од споменатите норми на добронамерно однесување, придонесува за продлабочување на омразата меѓу граѓаните“ се вели во реакцијата.
Ги повикуваат своите верници да се однесуваат воздржано.
|