31.01.2012, 15:28 „Л’Екип“ контра ЕХФ за Лазаров
За францускиот спортски дневник најдобри играчи на ЕП беа Хансен, Станиќ и македонскиот капитен
Најтиражниот спортски дневен лист во светот, француски „Л’Екип“, и' удри контра на Европската ракометна федерација во однос на нејзиниот избор на најдобрите играчи на Европското првенство во Србија. Според „Л’Екип“, тројца ракометари го обележаа првенството, и тоа Данецот Микел Хансен, Србинот Дарко Станиќ и Македонецот Кирил Лазаров. Левиот бек Хансен и голманот Станиќ беа избрани во идеалната седморка на ЕП, а Лазаров мораше да се задоволи само со наградата за најдобар стрелец. На неговата позиција десен бек предност кај ЕХФ доби Хрватот Марко Копљар, како што ИХФ на СП 2009 во Хрватска го претпочиташе Полјакот Марчин Лиевски.
Објаснувањето за Лазаров е: „Десниот бек на Атлетико Мадрид е новиот рекордер по бројот на постигнати голови на едно европско првенство. Со 61 гол, тој го собори рекордот стар десет години на Исланѓанецот Олафур Стефансон (58 погодоци). Лазаров во Србија имаше просек од седум гола во првиот круг. А потоа? Цели 13 против Данска, девет против Полска, десет против Србија и осум со Словенија. Импресивно!“.
|