01.02.2012, 12:13 Холанд ја зацврстува предноста пред Саркози
Франсоа Холанд, кандидатот на француските социјалисти за претседателските избори ја зацврстува предноста пред неговиот директен противник и се уште неофицијален кандидат на УМП, актуелниот претседател Никола Саркози.
Според анкетата спроведена од институтот БВА за приватното радио РТЛ и операторот Оранж во првиот круг за Холанд би гласале 34 проценти од испитаниците, што претставува четири поени повеќе, додека за Никола Саркози 25 отсто, односно два поени повеќе во споредба со претходното испитување.
Кандидатот на центарот Франсоа Бајру губи еден поен и за него би гласале 12 отсто од гласачите, додека кандидатката на Националниот Фронт Марин Ле Пен доби 15 проценти, губејќи три поени во споредба со претходните испитувања, кои и даваа меѓу 17 и 19 отсто од гласовите.
За кандидатот на Фронтот на левицата (комунисти и други партии блиски до комунистите) Жан-Лук Меланшон би гласале осум проценти, за кандидатката на Зелените и Европа екологија Ева Жоли три отсто, а за Доминик де Вилпен два проценти.
Во вториот круг од претседателските избори, доколку успеат да стигнат први при првиот круг за Франсоа Холанд би гласале 57 проценти, додека за Никола Саркози 43 отсто од испитаниците, однос кој не е променет од последното испитување на БВА.
|