30.01.2012, 14:51 Ракометарите одликувани со „Медал за заслуги за Македонија“
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ги одликува македонските ракометари со „Медал за заслуги за Македонија“
- Македонија ја започна годината победнички. Убеден сум дека успехот што вие го постигнавте ќе продолжи на сите полиња, не само во спортот, туку и во економијата, културата, образованието... Ништо не успева како успехот. Покажавте интегритет и храброст, талент и сила, волја и победничко срце. Такви модели ни се потребни денес во Македонија. Луѓе кои ја обединуваат нацијата. Вие сте современите македонски херои, рече претседателот Иванов на доделувањето на медалите на македонската ракометна репрезентација.
Македонските ракометари го освоија петтото место на Европското првенство што се одржа во Србија, и се пласираа на кфалификациите за летните олимписки игри што ќе се одржат годинава во Лондон.
- Покажавте дека Македонија не мора само да учествува, туку и да победува. Едно е јасно, Европа дозна за потенцијалите на македонскиот ракомет. Од денеска натаму европските тимови ќе бидат навистина загрижени пред секој натпревар со македонските ракометари, истакна Иванов.
Тој им порача дека за нас тие се шампиони и оти како такви тој е сигурен дека и натаму ќе се трудат да бидат поуспешни и да го постигнат најдоброто.
Претседателот на Македонската ракометна федерација Михајо Михајловски е уверен дека ова нема да биде последен успех за македонските ракометари.
- Сигурен сум дека ние можеме и ќе ги поминеме кфалификациите во Гетеборг, Шведска и ќе одиме на Олимпијадата во ЛондонТука нема да биде крајот. Очекувам да ја победиме Австрија и во јануари 2013 да играме на Светско првенство во Шпанија, рече Михајловски.
Медалите на ракометарите им се доделуваат за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.
Претходно на Универзитетот ФОН им беа доделени почесни дипломи, а по средбата со претседателот Иванов, тие се на прием во Македонскиот олимписки комитет. За нив ќе биде организиран и прием и во Агенцијата за млади и спорт.
|