31.01.2012, 14:50 Зафировска: Советот постапува по наводите на адвокатите во „Пајажина“
Таа најави дека доколку има повреди во текот на постапката тоа ќе биде предмет на разгледување и на повисокиот суд при евентуална жалба
Судскиот совет ги презема сите дејствија кои се во негова надлежност во врска со наводите изнесени од група бранители во случајот „Пајажина“ за забелешките при постапувањето на судијата во текот на процесот, изјави денеска претседателката на Советот, Александра Зафировска.
Таа најави дека доколку има повреди во текот на постапката тоа ќе биде предмет на разгледување и на повисокиот суд при евентуална жалба.
- Дел од адвокатите од случајот „Пајажина“ побараа да бидат примени во Судскиот совет. Тие изнесоа одредени наводи во делот на постапувањето на судијата во текот на судењето. Останува на Судскиот совет да ги провери наводите. Вообичаено тоа оди по писмен пат за да прибавиме изјава и од судијата. Доколку има повреди во текот на самата постапка во процедурата тоа ќе биде предмет на разгледување и на повисокиот суд при евентуална жалба, изјави Зафировска.
Адвокатите бараат судот да ги внесе сите нивни забелешки во записникот, но се жалат и на тоа дека не добиваат записници од судењето, што, пак, за нив претставува проблем при составувањето на завршниот збор.
|