31.01.2012, 10:45 Бесими: Од прием на Македонија во НАТО би профитирале сите
Бесими, кој синоќа во Њујорк се состана со шефот на Мировните операции на Светската организација Едвард Мјул и со шефот на Мисијата на САД во Обединетите нации амбасадорката Розмари ди Карло
Министерот за одбрана Фатмир Бесими смета дека оидлуката на Меѓународниот суд на правда во Хаг дека Грција ја прекршила времената спогодба би можела да се искористи како позитивен импулс за решавање на спорот за името, нешто од што би профитирале двете земји, но и НАТО.
Бесими, кој синоќа во Њујорк се состана со шефот на Мировните операции на Светската организација Едвард Мјул и со шефот на Мисијата на САД во Обединетите нации амбасадорката Розмари ди Карло, со која разговарал за блокадата на Македонија во евроатлантските интеграции, вели дека оваа тема неизбежно ја наметнува и темата за решавањето на спорот околу името и одлуката на Меѓународниот суд на правдата.
- Тие беа спомнати во контекст на надминување на овој предизвик и изнаоѓање решение кое е прифатливо за двете страни, како за Македонија, така и за Грција, затоа што тоа е единствен начин да се надмине тој проблем, односно да се надминат тие разлики и со тоа и поддршката што се искажува кон Македонија од другите членки на НАТО да резултира со приемот на земјата во Алијансата, вели министерот Бесими за Дојче Веле.
Во ОН, додава Бесими, постои уверување дека двете страни би профитирале доколку процесот околу преговорите би се фокусирал во полза на приемот на Македонија во НАТО, што е легитимна цел на македонската Влада.
- Тоа не само важен процес за Македонија, за нас секако тоа е важно и би било клучно, но тоа е решение за мисијата на НАТО да се прошири и да обезбеди одржлив мир и стабилност во регионот. И за самиот регион, па и за Грција тоа би било едно големо олеснување, истакнува министерот за одбрана.
Тој сепак признава оти се уште нема навестувања, дека на официјалната агенда на Самитот на НАТО, во мај оваа година во Чикаго, ќе биде додадена и посебна точка за проширување на воениот сојуз.
- На Самитот во Чикаго главно ќе се дебатира за реформите на таканаречената „Смарт дифенс“ и за транзиција на мисијата на НАТО во Авганистан. Тоа се главно темите за кои што ќе се зборува, а ние се обидуваме покрај нив, на некој начин да зборуваме и за темата за приемот на Република Македонија во Алијансата. Меѓутоа, за такви теми се уште не може да се каже дека има нешто потврдено официјално, изјави Бесими.
Шансата на Македонија ја гледа во тоа што „многумина веруваат дека државата до некаде веќе ги положи основните вредносни тестови на Алијансата“.
- И во однос на реформите и во однос на придонесите на меѓународните мировни мисии, Македонија го дава својот придонес, како да е де факто членка на НАТО, повтори министерот Бесими, кој од Њујорк замина за Вашингтон, каде што ќе присуствува на традиционалниот Молитвен појадок што го приредува американскиот председател Барак Обама.
|