30.01.2012, 15:47 Груевски: Турција e важен трговски партнер на Македонија
Можностите и предностите за инвестирање во Македонија, владиниот тим денеска ги претстави пред стопанствениците во Кајсери, центар на дрвната индустрија во Турција
На бизнис-форумот се присутни 150 компании, главно од дрвната индустрија, прехранбената, градежништвото, електрониката...
Премиерот Груевски посочи на макроекономската стабилност, нискиот буџетски дефицит, претпазливото задолжување, рамниот данок, воведениот едношалтерски систем, регулаторната гилотина и други реформи кои позитивно влијаат врз бизнис-климата во Република Македонија, јави известувачот на МИА.
- Врз основа на овие активности успеавме да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Воедно во тек е основање на уште три ТИРЗ - една во Штип, во Тетово и уште една во Скопје. Овие зони нудат низа поволности како ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси. Во зависност од висината на инвестицијата Владата дава до 500.000 евра за израмнување на земјиштето кое се дава под закуп по поволни услови за период до 99 години и обезбедени инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување, истакна премиерот Груевски.
Претставувајќи ги макроекономските параметри на земјата како гарант за стабилноста во реализацијата на бизнис идејата, претседателот на Владата ги истакна „макроекономската стабилност и просечната стапка на инфлација од 2,5 проценти во изминатата деценија”, добрата политика во јавните финансии која се карактеризира со „низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг изнесуваше околу 26 проценти на крајот на 2011 година”.
Во рамки на мерките за подобрувањето на бизнис климата, Груевски се осврна и на „намалувањето на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис преку регулаторна гилотина, воведувањето на едношалтерски систем во царината и даночната администрација, поедноставената постапката за градење, намалените комунални трошоци, нискиот рамен данок од 10 проценти и ослободувањето од оданочување на задржаната добивка, етапното намалување на социјалните придонеси за една третина и воведените субвенции за тур-операторите”.
Поздравувајќи ги одличните политички и економски односи кои владеат меѓу двете земји и осврнувајќи се на пазарот кој би бил обезбеден со евентуална инвестиција Груевски рече дека „важен импулс за зајакнување на билатералната трговска соработка е и склучениот Договор за слободна трговија.
- Ако се земат предвид и можностите кои произлегуваат од другите договори за слободна трговија, тогаш оние кои ќе инвестираат и произведуваат во Македонија добиваат непречен пристап до над 650 милиони потрошувачи, истакна премиерот Груевски.
Тој додаде дека на македонскиот пазар веќе се присутни ог��омен број турски бизнисмени чии одлични искуства се најдобриот аргумент дека Македонија брзо прераснува во мошне привлечна европска бизнис-дестинација.
- Вашата земја не е само еден од нашите најголеми сојузници, туку е и важен трговски партнер за Република Македонија, рече премиерот Груевски, изразува��ќи надеж дека овој бизнис-форум ќе ја продлабочи економската соработка меѓу Турција и Македонија.
Во рамки на форумот, претседателот на македонската Влада оствари средба со Хачи Бојдак, сопственик на „Бојдак холдинг“, една од најпознатите и најголеми турски компании која дејствува во сферите на текстилната и хемиската индустрија, маркетингот, железарската индустрија, енергетиката и информатиката при што беа разменети мислења за можностите за инвестиции на компанијата во Македонија. Делегацијата оствари и средби со други потенцијални инвеститори.
Владин тим вечер ќе ги претстави можностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмените и во градот Коња.
Економската презентација на Македонија во Турција стартуваше синоќа во Истанбул, а утре и задутре продолжува во Газиантеп, потоа во Измир и Бурса, а премиерот Груевски во Анкара ќе има средба со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.
Турските инвестиции во Македонија кои досега изнесуваа 180 милиони долари се очекува во наредниот период да достигнат до 500 милиони. Како области во кои може да се очекуваат вложувања се производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, потоа бизнис-услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура.
|