30.01.2012, 13:34 Саркози ќе го зголемува ДДВ-то на 21,1 отсто
Шефот на француската држава Никола Саркози, преку девет телевизиски канали им соопшти на Французите дека данокот на додадена вредност ќе се зголеми за 1,6 проценти, ќе се создаде банка за инвестиции во средните и малите претпријатија, како и дека ќе се воведе данок врз финансиските трансакции. Зголемувањето ДДВ-то од 19,6 отсто на 21,2 проценти, според Саркози има за цел да се финансира социјалната заштита. Имено тоа, според замислата, ќе треба да им овозможи на малите и средните претпријатија целосно или делумно ослободување од задолжителните социјални давачки за платите за најниските гарантирани примања. Со оваа мерка претседателот се надева да изведе трансфер на околу 13 милијарди евра.
Зголемувањето на ДДВ-то треба да почне да се спроведува од 1 октомври годинава.
Синдикатите се противат на зголемувањето на ДДВ-то, но тоа е поддржано од организациите на работодавците, а некои економисти сметаат дека зголемувањето на ДДВ-то во момент на криза и голема невработеност ќе биде нова дополнителна кочница за економскиот пораст.
Никола Саркози, исто така, најави крај на 35-часовната работна недела во претпријатијата, каде што мнозинството од вработените ќе се согласат да склучат нов договор за должината на законската работна недела.
Во текот на август Саркози сака да почне да се спроведува наплатата на данокот врз финансиските трансакции од 0,1 отсто за претпријатијата, кои се на француската берза, што би требало да пренесе во државната каса околу една милијарда евра.
Во областа на станбената политика, според францускиот претседател, секој ќе може да го зголеми својот станбен простор, се разбира ако е сопственик, за 30 отсто без градежна дозвола. За невработеноста на младите, тој најави закон со кој ќе биде побарано од претпријатијата со повеќе од 250 вработени најмалку пет отсто да бидат млади лица, кои алтернативно учат и работат во претпријатието.
|