01.02.2012, 14:47 Жбогар специјален претставник на ЕУ во Приштина
Самуел Жбогар денеска ја презеде функцијата специјален претставник на Европската унија во Приштина, таа функција ќе ја извршива напоредно со функцијата шеф на Канцеларијата на ЕУ.
Функцијата шеф на Канцеларијата на ЕУ е под надлежност на високиот претставник за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, додека функцијата специјален претставник е под ингеренции на Европскиот совет.
Жбогар е дипломат од кариера, тој беше министер за надворешни работи на Словенија од 2008 година до именување на функцијата шеф на канцеларијата на ЕУ во Приштина.
Тој е роден во Постојна во 1962 година, а политички науки дипломирал на Универзитетот во Љубљана. По дипломирање во 1987 година се вработил во Републичкиот секретаријат за меѓународни односи, а на почетокот на 90-тите беше трет секретар на Сојузното министерство за надворешни работи на СФРЈ во Белград.
Пред десетина години беше државен секретар во Министерство за надворешни работи во Словенија, во време кога министер беше Димитриј Рупел.
Жбогар ја предводеше делегацијата на Словенија во претпристапните разговори за членство во НАТО, а беше и амбасадор во Кина од 1993 до 1995, а од 2004 до 2008 година во САД.
Тој беше и директор на љубљанско-бриселскиот Институт за стратешки студии.
|