01.02.2012, 13:05 „Чувства. О. Сеќавања“ - нова книга за клавијатуристката од ЕКВ
Пред српската читателска публика неодамна се појави книга посветена на познатата клавијатуристка на белградската рок-група „Екатерина Велика“ - „Чувства. О. Сеќавања“
По неколку неуспешни обиди за пишување биографија на мултиталентираната уметница Маргита Стефановиќ-Маги, конечно, пред српската читателска публика неодамна се појави книга посветена на познатата клавијатуристка на белградската рок-група „Екатерина Велика“ - „Чувства. О. Сеќавања“.
Каква била Маргита приватно, како се снаоѓала во секојдневниот живот, необјавени фотографии, документи... книгата е приказна за пријателството, почнувајќи од безгрижното детство, па се' до нејзиниот трагичен крај. Стефановиќ ја помина последната година од својот живот во белградскиот Центар за сместување бездомници, а почина на Клиниката за инфектологија на 18 септември 2002 година. Причината за смртта не беше официјално објавена, но се претпоставува дека починала од последица на долгогодишно интравенозно консумирање дрога.
Во книгата е прикажана убавината на живеењето, но и зла коб, надарени луѓе чиј талент е понекогаш толку голем што е тешко да се избориш со нив. Оваа книга е четиво за сите обожаватели на ЕКВ, но и за пошироката читателска публика. Приказна за тоа каква била навистина Маги, со вистински зборови и чувства.
|