30.01.2012, 13:36 „Феникс“ најавува многубројни настани на „Фестивалот на чајот и читањето“
Од 4 февруари до 4 март во Културниот центар „Феникс“ ќе се одржи традиционалната книжевна манифестација „Фестивал на чајот и читањето“, во чии рамки се предвидени голем број промоции, трибини, разговори, средби со писатели, попусти на книги.
Од „Феникс“ истакнуваат дека посебно ќе бидат одбележани промоциите на романот „Лифтот (не) е за двајца“ од Христо Петрески, потоа изборот со драмски текстови „За само еден ден“ од Трајче Кацаров, „Антологијата на јапонската хаику поезија“ од Петко и Наташа Дабески, како и новите книги од Јордан Плевнеш, Душица Илин, Панде Манојлов, Билјана Станковска, Луси Караниколова, Зоран Пејковски, Тоде Илиевски, Петко Шипинкаровски и други македонски автори.
За време на „Фестивалот на чајот и читањето“, ќе биде соопштена и одлуката за годинашниот добитник на меѓународното признание „Златен прстен“, кое се доделува за книжевен опус на истакнат автор од земјата и странство.
Од „Феникс“ го најавуваат и излегувањето од печат на првиот број од гласникот „Триесет и вториот ден“, кој е замислен како мозаик од колумни, интервјуа, рецензии, преводи и препеви, анкети, препораки, претставувања на културни институции и манифестации, оригинално творештво и други слични рубрики и содржини.
За време на манифестацијата изданијата на „Феникс“ ќе се продаваат со саемски попуст од 40 до 80 отсто, детските енциклопедии и другите луксузни изданија ќе бидат со пригодни подароци, а сите посетители покрај консумацијата на македонските чаеви, бесплатно ќе станат членови на Клубот на читателите на „Феникс“, со што ќе се здобијат со редовен и постојан попуст од 10 отсто во текот на целата година. (Т.И.)
|