31.01.2012, 12:55 Милановиќ: Хрватска ќе ги поддржи соседите на патот кон ЕУ
Во интерес на Хрватска е регионот на Западен Балкан да биде стабилен и затоа новата хрватска влада искрено ќе ги подржи своите соседи на патот кон ЕУ, порача хрватскиот премиер Зоран Милановиќ во Брисел во интервју за „Дојче веле“.
- Сакаме сите земји од регионот да влезат во Европската унија. Тоа е наш интерес, како стопански, така и безбедносен, изјави Милановиќ кој вчера како набљудувач присуствуваше на состанокот на лидерите на земјите од ЕУ.
Во однос на конкретните чекори на новата хрватска влада во однос на БиХ, Србија и Црна Гора, Милановиќ нагласи дека тие пред се ќе бидат пријателски.
Хрватскиот премиер во однос на напредокот на Србија кон ЕУ и „косовскиот услов“ што се поставува пред Белград, нагласи дека се познати заклучоците за Косово на Советот на Европската унија од декември.
- Тие и се познати и на Србија. Тука нема никакви тајни и тоа треба да се почитува, заклучи Милановиќ.
Милановиќ за „Дојче веле“ истакна дека е „повеќе од очигледно“ дека и по влезот на Хрватска во ЕУ проширувањето води кон земјите од југоисточна Европа, односно Западен Балкан.
Според него, сепак од нив зависи во кој степен ќе ги задоволат строгите критериуми, нагласувајќи дека на страната на Хрватска нема никаква завист, туку интерес регионот да биде стабилен за што тие искрено ќе ги поддржуваат.
- Мојата влада, нашата коалиција, не е популистичка и нема да ја градиме нашата политика со одржување на конфликти со низок интензитет со соседите од Истокот. Тоа е детинесто и штетно, изјави хрватскиот премиер.
Милановиќ најави дека Босна и Херцеговина, доколку биде договорено, ќе биде неговата прва надворешнополитичка посета.
|