19.04.2013, 19:15 Хидросистемот „Злетовица“ стартуваше со проблеми
Општините кои се снабдуваат со вода од „Злетовица“ имаат големи долгови за испорачаните количини вода
ИВАН БОЈАЏИСКИ
Штип – Регионалниот хидросистем „Злетовица“ има нов директор на чија работна маса се најде и најголемиот проблем – наплатата од општините за потрошената вода. Со Општина Свети Николе работата мораше да дојде и до суд, кој пресуди во полза на регионалното јавно претпријатие, поради што една од првите задачи на новиот градоначалник Зоран Тасев ќе биде да обезбедат три милиони денари за да го платат долгот кон „Злетовица“.
Михаил Цветковски од Кратово е новиот в.д. директор откако неговиот претходник Стојан Миланов замина во пензија. Цветковски на оваа функција стапи од февруари годинава. Новиот прв човек на регионалното јавно комунално претпријатие укажа дека без реализација на двете други фази од овој систем – за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви и изградба на хидроцентрали за производство на електрична енергија, целиот проект нема да биде профитабилен.
„Во овие моменти работите не течат според планот. Општините за чии потреби е граден овој хидросистем мора да сфатат дека ние работиме на комерцијална основа, дека нашите трошоци за одржување на системот ќе мора да се покриваат со плаќање на испорачаните количини вода за нив. Општина Свети Николе е првата општина која ги користи благодатите од овој регионален капацитет, веќе две години се снабдува со вода од ’Злетовица‘, но до сега избегнувала да си ги плати обврските. Поради тоа моравме своите права да ги остваруваме по судски пат. Од почетокот на годинава и Општина Пробиштип користи вода од ’Злетовица‘, во општина Штип наскоро ќе заврши реконструкцијата на филтер-станицата со што ќе биде приспособена да ги прифаќа и да ги прочистува водите од системот, а со вода од ’Злетовица‘ ќе се снабдуваат и општините Лозово и Карбинци“, вели Цветковски.
Општините и јавното претпријатие „Злетовица“ одамна се договорија суровата вода да ја добиваат по цена од три денари за кубен метар. Но, и сите општини навреме и во полн износ да плаќаат за преземените количини вода, во спротивно јавното регионално претпријатие нема да работи рентабилно.
„За да можеме нормално да функционираме потребна е реализација и на преостанатите две фази – изградба на систем за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви во општините Пробиштип и Кратово, како втора фаза, и изградба на повеќе мали хидроцентрали за производство на електрична енергија, како трета и последна фаза. Документацијата за втората фаза се работи, а за изработка на физибилити студии и изведбени проекти за овие две фази од Европската инвестициска банка ни е одобрен грант од еден милион евра. На ова веќе работи консултантската куќа ’СВЕКО‘. За 3-4 месеци очекуваме да ни биде доставена документацијата“, вели Цветковски.
Во меѓувреме, обилните дождови овозможија во браната „Кнежево“ да се акумулираат 17 милиони кубни метри вода. За браната да биде полна до врв потребни се уште 6,5 милиони кубни метри. И кога сите пет општини би ја користеле водата од овој хидросистем, доволно е една полна акумулација без ниту капка нови врнежи, да ги снабдува општините во наредните три години. |