19.04.2013, 19:18 Брисел ќе ја чека Македонија до јуни
Според извори од ирското претседателство, прерано е да се каже има ли шанси Македонија да добие преговори со ЕУ
Слободанка Јовановска
Министрите за надворешни работи на Европската унија в понеделник во Луксембург нема да носат заклучок за Македонија, а расправата за тоа и одлуката ќе ги одложат за јуни. Вака вчера информираа извори од ирското претседателство, не сакајќи да прогнозираат има ли шанси или не на самитот на Унијата во јуни воопшто да се стави на дневен ред одлука за почнување преговори со нашата земја.
„Расправа за извештајот за Македонија ќе има, ама нема да има одлука, бидејќи таа се одлага за јуни“ - е пораката од овие извори, што практично сугерира дека Брисел ќе не чека до последен ден да направиме нешто, па ќе ни пресуди.
На директното прашање има ли шанси земјата во јуни да добие одлука за преговори, одговорот бил дека сега е прерано да се каже што било и треба да се почека до следниот министерски состанок или самит.
На дневен ред в понеделник ќе биде и одлуката дали да и' се дадат преговори на Србија, но и околу оваа земја се најавува дека веројатно ќе биде одложена, бидејќи преговорите на Белград со Приштина се' уште траеја вчера, а Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, според најавите, не се враќаат од Брисел додека не се исцрпат шансите да се постигне договор. „Се' е во воздух“, бил краткиот коментар околу шансите Србија в понеделник да добие најава или датум, со дополнување дека ако е позитивен резултатот од преговорите, сигурно ќе има политичка порака за Белград.
Наспроти политичкото мртвило од Македонија, од каде што не стигаат најави ни за формирање на анкетната комисија, а не пак за решавање на некое спорно прашање, Белград со сета енергија води преговори во Брисел, па може да се случи она што не верувавме дека некогаш ќе се случи - Србија да добие датум, а Македонија само оддолжување. Дури и да дојде предлог Македонија да почне преговори во јуни, од Софија стигаат реакции дека не се задоволни од ефектите од преговорите со нас и покрај дoбрите оцени од еврокомесарот Штефан Филе, а од Атина и поконкретни најави - дека ако мораат да се соочат со таква расправа, ќе се фатат повторно за вето, бидејќи нема резултат од преговорите за името.
Скептицизам вчера покажаа и европарламентарците, особено што нашиот извештај беше единствен што не се најде на дневен ред за гласање во Европскиот парламент оваа недела, туку е одложен за мај. Според оцената на Јелко Кацин, дадена за Дојче веле, Црна Гора, Србија и Косово напредуваат, а Македонија е една од земјите што тапкаат на место (Албанија и БиХ). Кацин тврди дека Македонија и Грција пред две години биле на дофат да постигнат договор, но од наша страна било побарано тој да се одложи за по изборите, но тогаш дошло до кризата во Грција. „Ако пред две години беше постигнат договор со Грција, Македонија ќе ја надминеше Црна Гора“, изјавил Кацин, лоцирајќи ја вината за неуспехот во Скопје.
Урлике Луначек од зелените, пак, смета дека проблемот не е само во Скопје, иако нашата влада создавала проблеми со претераниот национализам, туку и во Грција, па и двете страни треба да ги сменат позициите. Чарлс Танок изјавил дека се' уште е оптимист, но таков бил седум-осум години, а не видел позитивен резултат, па не верува дека во јуни Македонија ќе добие преговори со ЕУ, иако е апсурдно што сите напредуваат, а нашата земја чека и натаму, иако беше прва во редот за преговори.
Самитот на ЕУ на кој ќе се расправа за Македонија ќе биде на 28 јуни, што значи дека нашата влада има два цели месеци да направи некаков исчекор. |