Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
17.07.2012, 15:25

(ФОТО) Сто пати браво за Мишел Камило



Концертот на џез-легендите, пијанистот Мишел Камило и перкусионистот Џовани Идалго, кој се одржа завчера на „Охридско лето“, ќе остане забележан како еден од највозбудливите културни настани

Тина Иванова

ОХРИД - Без никаков сомнеж, генерално најголемата уметничка ѕвезда на годинашново „Охридско лето“, е легендарниот Мишел Камило. Латино џез-пијанистот и композиторот од Доминиканската република, го заслужи всушност, свеченото отворање. Но, како и да е, прексиноќа во предворјето на „Света Софија“, „Охридско лето“ го имаше својот втор годинашен почеток. Браво за него и за организаторите на кои им успеа оваа ретка музичка ѕверка да стапне на македонско тло и да го воздигне престижниот фестивал.

Ако треба да се даде оценка за концертот на Камило кој во Македонија доаѓа првпат и кој настапи заедно со неговиот долгогодишен сработник, музички сопатник и другар, порториканскиот перкусионист Џовани Идалго, и ако за тоа би ни била дадена границата од еден до десет, тогаш би кажале сто. Ако треба тој да се опише со неколку зборови, ние би додале уште сто и сите би биле во суперлатив. Едногласно, публиката во „Св. Софија“ рече сто пати браво.



Просторот во прекрасната околина на охридскиот духовен храм беше исполнет пред се, со фанови на ликот и делото на Мишел Камило, но имаше и такви кои дојдоа и за Идалго, големиот, а „мал“ Порториканец кој се смета за еден од највлијателните и највиртуозните перкусионисти денес во сферата на џезот. И кога овие двајца магови ќе ги соединат своите неисцрпни уметнички идеи, тогаш се раѓа прекрасна музичка поезија.

Нивната мисија завчера вечер беше да го промовираат заедничкиот минатогодишен албум „Мано а Мано“, со кој всушност токму во Охрид ја завршија европската турнеја. Албум кој е создаден како плод од заедничката соработка меѓу Камило и Идалго, а која, како што и самиот Камило кажа, тлеела со години наназад. И сега пукна, прсна како меур од сапуница, полн со воздишки, музички лавиринти, прекрасни мелодии, разновидна и привлечна ритмика, но пред, се, со очигледна искрена љубов кон она што го создаваат. Сето нивно искуство што и двајцата го калемеле, секој засебно, но и преку соработките со многу генијалци во џезот, сега е собрано во еден звучен куфер чие богатство безрезервно го отворија и завчера пред нас.



Да се зборува за нивната вештина или мајстрија во изведбата, е дури и бесмислено, зашто тоа се знае, тоа се очекува, се предвидува. Буквално и двајцата „растураа“ на своите инструменти, пи��аното и перкусиите, создаваа неповторлива магија, звучеа како оркестар, дишеа заедно. Но, на тоа се додава и извонредната музика која е совршена мешавина од џез, класична музика, латиноамерикански фолклор. Таа, со златните раце на Камило и Идалго, која варираше од лирски теми до весели, игриви и возбудливи пасажи, беше носена со прекрасна динамика, извонреден развој на мелодиите, со изненадувања во импровизацијата, со неочекувани пресврти во ритмиката. Публиката не ги криеше воздишките што е присутна на нивниот концерт, не ги криеше силните емоции, па буквално после секоја отсвирена тема силно аплаудираше и како во хор извикуваше браво. Така беше до самиот крај кога возбудата кулминираше. Камило и Идалго два пати се вратија на бис, од кои на вториот, ја отсвиреа елегичната тема „За тебе“ посветена на сопругата на Камило, Сандра, наедно и негова менаџерка, кој беше меѓу публиката во Охрид.



Се разбира и овдешниот аудиториум, а веројатно е така секаде каде што настапуваат импресивните музичари, со нетрпение ја очекуваше легендарната композиција „Карибе“ со која Камило ја стекна светската популарност и која е многупати свирена и обработувана од различни џез-солисти и состави. Таа беше најавена суптилно на самиот почеток од концертот, за сосема на крајот да ја изведат целосно и повторно во една несекојдневна верзија. Овациите, како што се подразбираше, овој пат беа најсилни.

Но, „Мано а Мано“ е албум кој импресионира. Особено во живата концертна изведба. Тоа е музика која ја носи вистинската магија на латиноамериканската култура, со сета своја суптилност, танцувачкиот разновиден ритам, па и еротската димензија, сето спакувано во една вкусна обланда, далеку од трендовите, а блиску до искрените вибрации.



Она што исто така остави силен впечаток, беше блискоста која почитуваните Камило и Идалго ја остварија со присутните. Топлата комуникација меѓу нив, силно ја носеа и од другата страна на сцената, кај својата верна публика меѓу која ја немаше непотребната шминка. Нивната позитивна енергија, но и нивната возбуда што се овде, првпат во Македонија, а која не ја криеја, направија вонсериско доживување, концерт за паметење каков што одамна не сме доживеале. Концерт, кој ќе остане забележан во аналите на македонската музичка историја како еден од највозбудливите. Настан, кој конечно не оддалечи од бремето на денешново сурово секојдневие


Статијата е прочитана 414 пати.

Испрати коментар



Водителот на „Топ гир“ - најплатената ѕвезда на Би-Би-Си
(ФОТО) Храбра пародија на нашата политичка реалност
Почнува шестиот „Локумфест“ во Битола
„Архелаос“ на Плевнеш и Цветановски премиерно во Стоби
„Зa Mакедонцките работи“ на Мисирков на германски јазик
Ристо Василевски на фестивал нa поезијата во Франција
Американската „златна младина“ на Инстаграм открива како живеат богатите деца
Конкурсот за необјавена поема „Григор Прличев“ трае до 30 август
Пронајдени останките на Мона Лиза
Антонио Бандерас бара прошка од сопругата Мелани Грифит
Милчо Манчевски во жири во Венеција
Календарот на Пирели за 2013. без голи убавици
Руските солисти Борис Бровцин и Анастасија Волтчок вечер на „Охридско лето“
Ума Турман роди ќерка на 42 години
САД одбележуваат 110 години од производството на првиот климатизер
Мариса Мајер од „Гугл“ е новиот генерален директор на „Јаху“
Почина легендарниот клавијатурист на „Дип Парпл“

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

  


Site Meter


Време
Скопје, 17°C

Ведро

Четврток
Ведро
Макс: 33°C, Мин: 15°C

Петок
Сончево
Макс: 37°C, Мин: 17°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
ОДБРОЈУВАЊЕ ДО ОЛИМПИЈАДА
Остануваат уште 8 дена до почетокот на Олимписките игри во Лондон...
Двајца олимпијци нема да претставуваат ниту една држава
Двајца спортисти на Олимпијадата ќе настапуваат самостојно и нема да претставуваат ниту една држава...
Олимпиското село во Лондон без вода за пиење
Организаторите се уште доцнат со водоинсталатерските работи во Олимпиското село, па спортистите немаат вода за пиење
...
Олимпиското злато вреди 620 долари
Семенја ќе го носи знамето за ЈАР
Брајант не може да замисли да не освои злато
Трудница на Олимписките игри

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |