18.07.2012, 14:21 Пронајдени останките на Мона Лиза
Археолозите веруваат дека во еден манастир во Фиренца го пронашле скелетот на Мона Лиза
Тим археолози веруваат дека ја пронашле тајната на најславната слика на светот Мона Лиза. Тие веруваат дека во еден манастир во Фиренца го пронашле скелетот на Лиза Џерардини, жената која му позирала на Леонардо да Винчи. Лиза била сопруга на богатиот трговец со свила, Франческо дел Џоконда, а сликата во Италија е позната под називот Ла Џоконда.
Многу историчари се согласуваат дека Мона Лиза била Лиза дел Џокондa, која после смртта на сопругот станала калуѓерка. Таа умрела во манастир во 1542 година.
Археолозите со ископувањето на напуштениот манастир на Св. Урсула почнале минатата година, пишува „Дејли Мејл“. Откако пронајдените коски ќе минат низ процесот на испитување, научниците ќе се обидат да го реконструираат лицето и така евентуално да потврдат дека навистина станува збор за Мона Лиза.
Така би можело да се дешифрира и тајната на мистериозната насмевка од сликата. Археологот Силвано Винчети, кој го води ископувањето во манастирот, изјави дека се уште не може со сигурност да тврди дека се работи за Лиза Џерардини, но дека длабоко верува дека е така. |