18.07.2012, 12:31 Милчо Манчевски во жири во Венеција
Манчевски ќе одлучува за програмата „Хоризонти“, во која се селектирани филмовите што ги претставуваат новите трендови на современиот филм
Македонскиот режисер и сценарист Милчо Манчевски ќе биде член на жирито на претстојниот 69. Венециски филмски фестивал, кој ќе се одржи од 29 август до 8 септември, во втората по значење програма „Хоризонти“. Враќањето на Манчевски на најстариот филмски фестивал во светот ќе се случи точно по цели 18 години откако го освои првиот и единствен „Златен лав“ за Македонија со својот, веќе, антологиски филм „Пред дождот“ и 11 години откако Македонија ја имаше честа со неговиот втор филм „Прашина“ да го отвори Венецискиот фестивал.
Седумчленото жири кое ќе ги додели наградите во програмата „Хоризонти“ го предводи италијанскиот актер Пјерфранческо Фавино, кој се смета за водечки актер на новата генерација во италијанскиот филм. Меѓу другите членови се и: американскиот продуцент Џејсон Клиот, кој е познат како соработник на многу алтернативни и независни автори како: Тед Солонц, Стивен Содерберг, Џим Џармуш, потоа познатата и се' поактуелна либанска актерка Надин Лабаки, како и иранскиот режисер Амир Надери.
Жирито во оваа програма доделува три награди, две за најдобар долгометражен и краток филм и Специјална награда на жирито. Имено, програмата „Хоризонти“ содржи долгометражни и кратки филмови кои ги претставуваат новите трендови и содржини на современиот филм, главно дебија и независни филмови кои се спротивставуваат на жанровски филмови и тенденции, а со цел да откриваат и демонстрираат креативна оригиналност.
Интересно е да кажеме дека од оваа година на чело на фестивалот се враќа Алберто Барбера, човекот кој го водеше Венецискиот фестивал во периодот од 1998 до 2002 година и кој го покани „Прашина“ на Манчевски во 2001 година да го означи стартот на овој фестивал, кој се одржува на прекрасното „Лидо“. На предлог на Барбера, „Златниот лав“ за животно дело годинава ќе го добие големиот италијански режисер Франческо Роси. Роси при крајот на годината ќе наполни 90 години, а останува познат како симбол и иноватор на трендот во италијанската кинематографија кој беше посветен на општествените теми и на ангажираните филмови. Во негова чест на фестивалот ќе се прикаже реставрираниот филм „Аферата Матеј“ од 1972, кој ја освои „Златната палма“. Други позначајни дела на Роси се: „Рацете над градот“, „Салваторе Џулијано, „Тројца браќа“, „Хроника на една најавена смрт“, „Лаки Лучијано“ и други.
Веќе се знае дека главното жири, кое годинава ќе го додели престижниот „Златен лав“ го предводи американскиот режисер Мајкл Мен, еден од највлијателнит�� претставници на современиот американски филм. Доволно е само да ги споменеме: „Жештина“, „Внатрешен човек“, „Ловец“, „Државен непријател“, „Последниот Мохиканец“, „Колатерал“ и други. Меѓу останатите членови на жирито се и: Марина Абрамовиќ, претставена како антологиски уметник на нашето време, потоа француската актерка Летиција Каста, израелскиот режисер Ари Фолман, американската актерка Саманта Мортон, аргентинскиот режисер и продуцент Пабло Траперо, како и швајцарската режисерка Урсула Мејер. (С.У.)
|