18.07.2012, 10:25 Календарот на Пирели за 2013. без голи убавици
Во изданието за 2013 година, наместо голи убавици, ќе има фотографии на млади жени ангажирани во фондации и хуманитарни организации
Наместо голите убавици, кои со години ги красеа странците на календарите на Пирели, во изданието за 2013 година ќе бидат фотографиите на млади жени ангажирани во фондациите и хуманитарните организации.
Како што пишува списанието „Венити Феир“, во новиот календар на Пирели нема да има ниту една гола девојка, дури ни во бикини и на тој начин ова познато издание ќе ја одбележи 40-годишнината од постоењето.
„Венити Феир“ во својот нов број објавува ексклузивни фотографии од снимањето на календарот во Рио де Жанеиро. За изгледот на календарот за следната година овој пат е задолжен Стив Мекари, еден од најпознатите воени фотографи во светот, кој освои голем број награди со фотографии од конфликтните зони од Иран, Ирак, Персискиот Залив, Бејрут и Камбоџа. Светската слава ја стекна во 1985 година кога неговата фотографија на млада Авганистанка со зелени очи се појави на насловната страница на списанието „Нешнал џиографик“.
Новиот календар на Пирели претставува 11 млади жени ангажирани во разни фондации, невладини организации и хуманитарни проекти. Тоа ќе биде календар без традиционалните еротски претстави, календар кој го слави женскиот алтруистички дух, пишува „Венити Феир“. |