07.05.2012, 16:55 „Ми го прегази мажот, а не се јави да праша како сме“
Случајот со градоначалникот на Старо Нагоричане, кој со автомобил удри во пешак и побегна, чека судски епилог
Горан Адамовски
НАГОРИЧАНЕ - Милијана Лазаревска остана вдовица со две мали деца откако нејзиниот сопруг Срѓан почина во сообраќајна несреќа што пред петнаесетина дена се случи во Куманово. Околу 3,15 часот по полноќ, враќајќи се дома од пекарата во која работел, 31-годишниот Срѓан беше удрен од автомобил, а возачот побегна. Десетина дена траеше битката на лекарите за неговиот живот. Возачот беше фатен утредента. Станува збор за градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ (53), кој ја предизвикал несреќата со службениот автомобил „шкода октавија“. Против него се поднесени две кривични пријави, но не му е одреден притвор.
„Ниту се извинил, ниту се јавил да праша како сме, дали ни треба помош, дали имаме пари за погреб или за лекови додека беше жив маж ми. А, и подобро така, оти не сакам ниту да го видам, ниту гласот да му го чујам. Тој човек не постои за мене“, зборува Милијана со грутка во срцето.
Траги од страотната несреќа што се случи на 21. април, и денеска може да се забележат на улицата „Драган Стопаревиќ“ во Куманово. Жителите на околните куќи се чудат како е можно некој да вози толку бргу, кога улицата не е многу широка, од двете страни има објекти, живеат луѓе и пожелно е да се вози внимателно, особено навечер. На почетокот од улицата, исправена е трокатна зграда, каде под кирија живееше семејството Лазаревски.
Срѓан работел во пекара, сопругата Милијана во фабрика за чевли. Вредно работејќи, плаќаа кирија, сметки и одвојуваа по некој денар за двете ќерки. Помалата ќерка има три години, поголемата е второ одделение. Животот им зададе тежок удар. Пред седум дена, останаа без сопруг и без татко. Се вратија во родното село Орашац, оддалечено десетина километри од Куманово на патот кон Свети Николе.
„Што да правиме таму? Таму веќе нема живот за нас. Тука сме барем со двајцата браќа на маж ми, свекрвата, децата имаат вујко, сите се трудат да им удоволат“, вели Милијана.
Солзите сами течат. Поголемата ќерка веднаш ја прекорува мајка си кога ќе ја види дека плаче. Помалата уште не разбира ништо, се врти околу мајка си.
„Се повеќе го бара татка си. Прашува кога ќе си дојде, каде е толку време“, зборува скршената мајка.
За неколку дена, планира да се врати на работа, оти децата бараат јадење, облека, школување. Животот мора да продолжи пред се' поради нив. Никој не се јавил да ја праша дали и' треба нешто или да и' понуди помош.
„Судот нека си ја заврши работата. Ќе видиме, не сме одлучиле дали и колку ќе бараме отштета, иако знаеме дека тоа нема да ни го врати Срѓан“, ни велат Лазаревски на заминување.
Општината Старо Нагоричане е оддалечена дваесетина километри од Орашац. Вчера беше обичен работен ден. Градоначалникот Јовановиќ и натаму ги избегнува новинарите. Неговите соработници, најпрво ни рекоа дека градоначалникот ќе се симне во секој момент, побаравме средба со него, му се јавија, но тој им рече да ни пренесе дека е на состанок.
Да каже збор-два како се случила несреќата, зошто не му помогнал на пешакот, зошто не се пријавил во полиција, планира ли да понесе политичка одговорност - немаше време.
Вработените во Општината велат дека градоначалникот секој ден доаѓа на работа и вредно работи на исполнување на зацртаните планови. Најголемиот дел од селаните, пак, сметаат дека треба да си поднесе неотповиклива оставка.
„Работев како возач 40 години и тоа во време на онаа Југославија, кога важеа закони. На секој може да му се случи да направи сообраќајка, оти на улица си, се'што може да биде. Ама ќе застанеш, ќе му помогнеш на човекот, ќе се обидеш да го спасиш... За ова нема оправдание“, ни вели чичко Миливој и напоменува дека осум години не седнал зад волан, оти веќе се чувствувал стар и неспособен.
На Јовановиќ ова му е прв мандат како градоначалник. Жителите на Старо Нагоричане имаат поделени мислења за неговата работа во изминатите три години. Едни велат дека асфалтирал само две улици од по 4-5 километри, други, пак, сметаат дека бил вреден човек, кој многу работи. Идната година се локалните избори. Предходно, се очекува и почеток на судењето. Јовановиќ ќе одговара за тешки дела проти�� безбедноста на луѓето во сообраќај и неукажување помош на повредено лице во сообраќајна незгода. Пасошот му е одземен за да не може да побегне од земјава со обврска редовно да се јавува на суд. Од неговата Демократска партија на Србите во Македонија веќе се изјаснија дека нема да му бараат политичка одговорност и ќе остават инстиуциите на системот да го расчистат случајот.
Како што објавија медиумите, Јовановиќ при првиот распит рекол дека не се сеќавал на ништо кобната вечер, ниту, пак, бил свесен дека удрил во нешто. Предходно бил на прослава, но нема официјална потврда дали бил под дејство на алкохол, како што се шпекулираше. По судирот, на местото на несреќата останал фар од автомобилот, па утредента, по проверка на стотина возила, „шкодата“ беше најдена. |