07.05.2012, 17:08 Протест во Тирана за Смилковци
Во Тирана вчера без инциденти заврши протестот организириран од движењето „Нова Албанија“, под мотото „Во одбрана на нашите браќа, сестри и мајки Албанци во Македонија и во Прешево“, за, како што велат, полициската акција „Монструм“ и за апсењето Албанци во јужна Србија осомничени за воени злосторства.
Како што објавија медиумите во Албанија, учесниците во протестниот марш тргнале од плоштадот „Народни херои“, продолжиле до српската амбасада, а потоа и до македонската амбасада и носеле плакати на кои пишувало „Албанците муслимани не се терористи“, „Не за неправдата врз нашите браќа Албанци“... „Тука сме за да ги одбраниме вистината и правата на нашите браќа и сестри во Скопје и во Прешево“, изјавил Едмонд Влашај, претседател на движењето. Според информациите на албанските медиуми, македонското МНР побарало од албанските власти да ги преземат сите мерки за заштита на персоналот и објектот на амбасадата на Македонија во Тирана. (МИА) |