30.10.2012, 18:02 Македонци во „окото“ на ураганот
Наши граѓани во Њујорк раскажуваат за уникатното искуство што го следеше целиот свет
Слободанка Јовановска
Македонските дипломати и други наши граѓани во САД вчера можеа да си напишат уникатно искуство во својата биографија, како дел од милионите американски граѓани кои се соочија со најголемата бура од 1938 година, нешто што не е видено на просторите на Македонија. Како изгледаше да се биде дел од тој врвен климатски настан, дали се уплашија, дали се евакуираа, како ги доживеаја клучните три часа, се прашања за кои беше интересно да се чујат информации од оние кои можеа да се добијат на телефон.
„Не го доживеавме толку страшно како што изгледаше на телевизија. Всушност, седевме и гледавме телевизија и си рековме - леле колку било ужасно“, вели еден од нашите граѓани кој живее во Менхетен, во еден од најпогодените делови. „Имаше силен ветер и многу дожд. Овде околу нас водата се искачи до метар и пол, а во центарот на градот до три метри. Ние си останавме дома, не се евакуиравме, иако ни најавија дека превентивно ќе се исклучи струјата, а сега немаме ни вода, ни греење, ни лифт, ни интернет. Храна си обезбедивме однапред бидејќи не работи ниту една продавница, а целиот јавен превоз е запрен сосема“, вели еден од Македонците. Според него, ураганот „Ајрин“ бил најавуван како пострашен, но не удрил директно на Њујорк и за разлика од „Сенди“ не предизвикал толку големо покачување на нивото на водата и поплави на улиците. „Имавме веќе искуство“, вели тој со куриозитетна забелешка дека имало и кај нас „вакви екстремни невремиња со ветрови и дождови, но разликата е во тоа што во Македонија тие не предизвикуваат вакви епски поплави“.
„Дуваше силен ветер, паѓаше силен дожд, но зградите тука се проектирани како површината на дијамантите, со коси агли, за да се одбива ветерот“, вели друг наш граѓанин. Според него, најголемата драма била од девет навечер, па до полноќ по американско време, но веќе утрото водата се повлекла од улиците по каналите. Тој додава дека 400.000 луѓе од Менхетн биле евакуирани пред бурата, а уште повеќе од Њу Џерси кој бил меѓу најпогодените. Според него, иако имало предупредување од градските власти да се тргнат сите автомобили, многу од нив пливале во вода на улиците. „Њујорк е многу ранлив град. Всушност градот има цел еден паралелен град под земја, што кажува се'. Само една метро-линија да е во прекин, тоа има многу големи последици на неговото функционирање. А, сега не функционираше ништо“, вели друг Македонец, според кого најголема штета предизвикало надоаѓањето на солената вода во метроата, тунелите и зградите, и покрај заштитните вреќи со песок. „Окото на ураганот помина. Сега ги гледаме неговите споредни делови, па на секои триесет минути се стемнува, дува и врне, но не е како утрово“, вели тој, споменувајќи дека дури и Обединетите нации од понеделникот не функционираат. Нашите дипломати, пак, во мисијата во Њујорк и амбасадата во Вашингтон, како и конзулатот во Њујорк веќе вчера најавуваа дека ќе се вратат на работа.
Македонскиот конзулат во Њујорк се наоѓа во близина на реката Ист Рривер, но не се нашол на планот за евакуација. Конзулот Звонко Мицунски изјави дека се јавиле неколку наши граѓани за да прашаат каде да се засолнат и како, со оглед на тоа дека има околу 70 отворени засолништа во Њујорк од страна на локалните власти. |