25.05.2012, 20:01 Црвенковски го внесе идентитетот во разговорите со Грција
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека ставот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски оти се залага за решение за името кое нема да задира во идентитетот е лицемерен затоа што тој во 2005 година прифатил предлог даден од медијаторот Метју Нимиц со кој беше доведен во прашање идентитетот, а исто така знае и дека Грција веќе подолг период е забетонирана на сопствените позиции што го засегаат и идентитетот.
- Истиот тој Црвенковски во 2005 година кога беше даден еден предлог од Метју Нимиц со кој што беше доведен во прашање идентитетот тој го прифати. Јас тогаш се спротивставив и јавно го кажав тоа. Има снимки за тоа дека единствено ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека предлогот е проблематичен во однос на идентитетот, во однос на македонскиот јазик. Но, СДСМ го прогласи за дотогаш најдобар предлог и го прифати и имавме жесток напад зошто ние не го прифативме најдобриот можен предлог што ни бил даден дотогаш. Така што на тој начин ја начна и ја загрози позицијата на Македонија што јавно прифатија еден прилично проблематичен предлог во однос на идентитет. Сега во улога на претседател на СДСМ како опозициска партија настапува прилично лицемерно кажувајќи го ова кога самиот тој пред шест, седум години прифати нешто што беше проблематично за идентитетот, изјави премиерот Никола Груевски по посетата на Институтот за хемија при ПМФ каде беа предадени во употреба две нови најсофистицирани лаборатории.
Тој посочи оти позицијата на Грција е јасна и јавна, оти се забетонирани на таа позиција.
- Нема никакво поместување бидејќи се во еден дополнителен хаос заради финансиската криза. Не ни помислуваат да разговараат поинаку. Впрочем, тоа се гледа и од последниот записник што излезе од средбата помеѓу лидерите. Значи, тие имаат една бетонирана позиција која не се однесува само на името на државата туку се однесува и на промена на именувањето на нацијата и на јазикот, рече Груевски.
Контроверзно е Црвенковски да зборува за градење бидејќи ништо не изгради
Ставот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за нешто што се изградило и се направило, самото по себе е контраверзен бидејќи тој никогаш ништо не изградил, а имал можност за тоа, рече премиерот Никола Груевски.
- Тој беше толку многу години премиер и ништо не изгради. Не се сеќаваме на ниту една работа што ја изградил и кога тој ќе каже дека нешто е контраверзно тоа самото по себе е контраверзно. Луѓе што изградиле нешто имаат право да кажат дека нешто им е контроверзно, но луѓе што не изградиле, а имале долг период дадена можност од граѓаните, тоа навистина е само по себе контраверзен факт, рече премиерот Груевски.
Коментирај��и ја изјавата на лидерот на СДСМ оти е контроверзно поставувањето на споменикот на Филип Втори во очи празникот на Свети Кирил и Методиј тој потсети оти пред овој споменик, претходно беа поставени споменици на Свети Кирил и Методиј, на нивните следбеници Свети Наум и Свети Климент, како и на продолжувачите на нивното дело како Ѓорѓија Пулески, Димитрија Чупоски и Крсте Петков Мисирков.
|