01.10.2011, 18:10 „Панкот не е мртов“ денеска премиерно во Лондон
Македонскиот филм „Панкот не е мртов“ на режисерот Владимир Блажевски денеска премиерно ќе биде прикажан во Лондон.
Филмот победи во селекцијата „Исток на западот“ (East of The West) годинава на 46. Интернационален филмски фестивал во Карлови Вари. Филмот на Блажевски е црна комедија за панкери на 40-ина години и без перспектива кои живеат на маргините на општеството во транзицијата. Нивното рутинско секојдневие е нарушено од неочекувана понуда - да го обноват својот панк-бенд кој бил култен пред 17 години и тоа на еден мултикултурен хепенинг во Дебар, кој треба да прикаже релаксирани меѓуетнички односи во Македонија. Раскажува приказна за обидот повторно да се соберат некогашните членови на групата кои се раселиле по републиките на некогашна Југославија.
Во филмот играат Јордан Симонов, Тони Михајловски, Камка Тоциновски, Владимир Тулиев, Кирил Поп Христов... Директор на фотографија е Димо Попов, а музиката е на Александар Пејовски. Прикажувањето на „Панкот не е мртов“ во Лондон го овозможи организацијата за култура „Круг“.
Во Македонија филмот беше премиерно прикажан во март годинава, за отворањето на Скопскиот филмски фестивал.
|