04.10.2011, 15:32 Поемата „Ако“ ја освои наградата „Григор Прличев“
Фото: Киро Попов
Најдобра необјавена поема на македонски јазик за 2011 година е поемата под шифра „Таблица осум“
Поемата „Ако“, под шифра „Таблица осум“, ја освои наградата „Григор Прличев“ за 2011 година на анонимниот конкурс на „Просветно дело“, Редакција „Детска радост“, за најдобра необјавена поема на македонски јазик. Така одлучи тричленото жири, кое годинава го предводеше Ристо Ѓ. Јачев, а чиишто членови беа Петко Дабески и Милош Линдро. На вчерашната прес-конференција, тие објавија дека годинава, на 19. по ред конкурс за најдобра необјавена поема, пристигнале 19 поеми што го исполнуваат зададениот услов за обем од најмалку 912 стиха, продолжувајќи ја книжевната традиција на великиот македонски поет Григор Прличев.
Жирито, во првиот круг, во потесен избор селектирало пет поеми, но во најтесен избор влегле две поеми. Како што рече Ристо Ѓ. Јачев, по внимателно и по повеќекратно читање и елаборирање на нивните жанровски и стилски компоненти, како и на нивните специфичности и вредности, жирито ги издвоило следните поеми: „Депа“ под шифра „Касијани“, „Исток - изворот на боговите��� под шифра „Моќ“, „Ако“ под шифра „Таблица осум“, „Век за самување, Илуминација“ под шифра „Катарза„ и „Платното на вистината“ под шифра „777“. По детално разгледување и вреднување на споредбените предности на овие поеми, жирито конечно се одлучило во најтесен избор да ги издвои „Депа“ и „Ако“. Интересно е дека овие две поеми носат и два стила што поставуваат одредени прашања и однос кон поемата како форма и како поетски израз. (С.У.)
|