28.09.2011, 12:12 МОТ завршува со две претстави и концерт на „Биоскопија“
Концертот на Горан Трајковски и Елена Христова ќе претставува промоција на првиот заеднички проект на овие исклучителни вокалисти наречен „Биоскопија“
На последниот ден од 36. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ се содржани две претстави, една промоција на книга и концерт. Во киното „Милениум“ во 20 часот ќе биде промовирана книгата „Краток вовед во бесконечноста“, чиј автор е режисерот Златко Славенски, а во исто време на малата сцена во Македонската опера и балет ќе се одржи претставата „Јас, љубам, бог“ на независниот македонски театар „Буден театар“. Во Младинскиот културен центар, пак, во 20,30 часот ќе биде изведена претставата „Неверство“ на театарот ЦК. Фестивалот завршува со концерт на најновиот проект на Горан Трајковски и Елена Христова, насловен „Биоскопија“, кој ќе се одржи во МКЦ во 22,30 часот.
„Јас, љубам, бог“, четвртата премиера на „Буден театар“, е авторски проект на Милиана Ленак, базиран на збирките „Хенри и Џун“ и „Инцест“ од едицијата нецензурирани дневници на Анаис Нин, насловена „Дневник на љубовта“. Опишан е периодот од животот на авторката во кој, иако и самата во брак, таа има врска со писателот Хенри Милер, како и со неговата сопруга Џун, а подоцна и инцестуозна врска со сопствениот татко. Нин ги преиспитува сите постојни норми и нејзиниот живот е свесно воден експеримент за поместувањето на границите и истражување на последиците од слободата.
„Неверство“, пак, по текст на нобеловецот Харолд Пинтер, а во режија на Нина Николиќ, го обработува неверството во поширока смисла на зборот, неверство кон партнерот, кон пријателот, кон самиот себе си...
Концертот на Горан Трајковски (екс „Анастасија“) и Елена Христова („Баклава“), ќе претставува промоција на првиот заеднички проект на овие двајца исклучителни вокалисти наречен „Биоскопија“, во кој Трајковски се јавува како аранжер на традиционалните македонски песни сместени на албумот, што неодамна излезе под капата на „Скопскиот џез-фестивал“. (Т.И.)
|